Од четирите натпревари, по два се во Германија и во Австрија, од 29 декември до 6 јануари, а некои од спецификите на ова престижно натпреварување се квалификациите и првата рунда на натпреварувачкиот ден според нокаут-систем, единствен во Светскиот куп

Новогодишната турнeja „Четири скокалници“, 68. по ред, која почнува викендов, е шлагот на тортата, круна на сезоната во Светскиот куп (СК) во скијачки скокови. Станува збор за четири натпревари, по два во Германија и во Австрија, со почеток в недела во Оберсдорф. Потоа следуваат натпреварите во Гармиш-Партенкирхен, Инсбрук и во Бишофшофен.

Турнејата е врв на долгата сезона за љубителите на овој спорт и за скокачите и се разликува од вообичаените натпревари во СК. Една од посебностите се квалификациите и начинот на натпреварување во првата серија, во која 50-те скокачи се натпреваруваат еден против друг во двојки, вкупно 25. Победниците од директните дуели, како и петте најдобри меѓу „губитниците“, обезбедуваат пласман во втората рунда.

Иако правилата на „Четирите скокалници“ се разликуваат од другите натпревари во СК, резултатите се сметаат во конечниот пласман. Другото специјално правило се однесува на бројот на домашни скокачи. На првите два натпревара во Оберсдорф и во Гармиш-Партенкирхен, во германскиот тим може да има многу повеќе домашни отколку скокачи од другите земји. Во Инсбрук и во Бишофшофен предност имаат австриските скокачи. Со тоа натпреварувачите од таканаречениот Б-тим добиваат можност да се докажат и да добијат шанса за настап во СК.

Вкупниот победник на „Четирите скокалници“ се одредува според резултатите и собраните поени од четирите натпревари. Турнејата почнува со утрешниот тренинг во Оберсдорф и со натпреварот в недела. Билетите за комплетно реновираната арена со капацитет од 27.000 места веќе се распродадени. Втора станица на турнејата е олимписката скокалница долга 140 метри во Гармиш-Партенкирхен, секоја година на 1 јануари. Потоа турнејата се сели во Австрија, со натпреварите во Инсбрук (4 јануари) и во Бишофсхофен (6 јануари).

Првпат по 25 години на новогодишната турнeja „Четири скокалници“ нема да настапи искусниот Јапонец, легендата на скијачките скокови, Нориаки Касаи (47). Поради пад во формата, Касаи не е во репрезентацијата за овие натпревари. Тој се натпреварува сезонава, а засега е без освоен поен, пишува на сајтот на Турнејата. 


Кобајаши ја брани ланската „перфектна“ титула

Во минатата сезона победник на Новогодишната турнеја беше Јапонецот Роју Кобајаши, кој триумфира на сите четири скокалници, што беше трет случај во историјата на ова натпреварување. Пред него такво нешто им успеа на Полјакот Камил Стох во 2018 година и на Германецот Свен Ханавалд во 2002 година, на 50-годишнината од турнејата. Најмногу трофеи има Финецот Јане Ахонен, пет (1999, 2003,2005, 2006 и 2008-та), потоа на листата е Германецот Јенс Вајфслог со четири (1984, 1985, 1991, 1996), кој, заедно со Бјорн Виркола од Норвешка, има забележано и најмногу индивидуални триумфи, 10. Најуспешни земји со по 16 победи се Германија, Австрија и Финска.


РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
Оберсдорф (Германија) 29 декември
Гармиш-Партенкирхен (Германија) 1 јануари
Инсбрук (Австрија) 4 јануари
Бишофсхофен (Австрија) 6 јануари
НАЈМНОГУ ТИТУЛИ
Јане Ахонен 5 (1999, 2003,2005, 2006, 2008)
Јенс Вајфслог 4 (1984, 1985, 1991, 1996)
Хелмут Рекнагел 3 (1958, 1959, 1961)
Бјорн Виркола 3 (1967, 1968, 1969)
потоа следат осум скијачи-скокачи со
по две титули

ПОБЕДНИЦИ ПРЕТХОДНИТЕ ПЕТ ГОДИНИ
ГОД. СКОКАЧ (ЗЕМЈА)
2015 Штефан Крафт (Австрија)
2016 Петер Превц (Словенија)
2017 Камил Стох (Полска)
2018 Камил Стох (Полска)
2019 Рјоју Кобајаши (Јапонија)