Ф1 почнува нова ера, со воведување буџетско ограничување меѓу низата чекори кон тоа да биде поконкурентна, а следен голем развој е воведување на правилата од 2022 година, насочени кон создавање автомобили што можат тесно да се натпреваруваат и полесно да се престигнуваат. Ново годинава ќе бидат и пробните спринт-квалификации на три гранпри-трки. Сезоната в недела почнува и со значителна реконструкција на возачките постави во некои тимови
Со трката во Бахреин в недела почнува маратонската сезона во Формула 1, во која треба да има 23 трки. Ф1 почнува нова ера, со воведување буџетско ограничување меѓу низата чекори кон тоа да биде поконкурентна, пишува „Би-би-си“ во пресрет на новата сезона. Луис Хамилтон, доминантна фигура на неговата генерација, може да ја заврши сезоната со негова рекордна осма титула, најмногу на сите времиња. Тој ја почнува сезоната како најуспешен возач во историјата, откако со неговата седма титула во минатата сезона го израмни достигнувањето на Михаел Шумахер, но Хамилтон (36) е сам на врвот според бројот на победи и според освоените пол-позиции.
Формула 1 годинава го воведува првото ограничување на буџетот. Ова ги ограничува сите тимови на максимално трошење од 145 милиони долари годишно, со исклучок за плати за возачите, извршните директори и за маркетингот. Оваа бројка ќе се намалува за дополнителни пет милиони долари во секоја од следните две сезони.
Воспоставена е и лизгачка скала, што значи колку повисоко во првенството од претходната година заврши еден тим, толку помалку време ќе можат да го користат во воздушниот тунел и компјутерско истражување за аеродинамичен дизајн, пишува „Би-би-си“. Ова нема да значи изедначување веднаш, но тоа е прв чекор во насоката чиј следен голем развој е воведување на правилата од 2022 година, насочени кон создавање автомобили што можат тесно да се натпреваруваат и полесно да се престигнуваат.
За да се спречи натамошно зголемување на брзините на свиоците, направени се и неколку значајни промени во правилата за задниот дел од автомобилот, отсекувајќи делови од подот и од дифузерот, двата клучни за аеродинамичната моќ. Буџетските ограничувања и некои други мерки не се единственото отстапување од традицијата годинава. Ново ќе бидат и пробните спринт-квалификации на три гранпри-трки.
Сезоната почнува со значителна реконструкција на возачките постави во некои тимови. Од оние што минатата сезона завршија во првите шест на шампионатот, само Мерцедес ги има истите двајца возачи годинава како во 2020 година. Себастијан Фетел од Ферари сега е во Астон Мартин, како тимски колега на Ленс Строл, а оттаму Серхио Перез замина во Ред бул. Фернандо Алонсо се врати во Ф1 по две години трки во други категории, а ќе вози за Алпине, од каде што Даниел Рикиардо замина во Мекларен, Ферари го ангажира Карлос Саинц од Мекларен, првакот во Формула 2, Мик Шумахер ќе вози за Хаас…