Околу 360 шахисти (127 велемајстори) од 40 европски федерации ќе се натпреваруваат од вечерва до недела, а за Македонија играат Никола Николовски и Тони Лазов
Македонските интернационални мајстори (ИМ) и репрезентативци Никола Николовски (2.454 рејтинг-поени, рангиран 138. пред почетокот на турнирот) и Тони Лазов (2.405, рангиран 191.), се дел од Европското интернет-првенство во брз шах (три минути, плус две секунди по играч по секој потег), што за награден фонд од 12.000 евра (за победникот 2.500) го организира Европската шаховска унија (ЕКУ), заедно со домаќинот, полскиот град Катовице.
– Не сум некој голем љубител на интернет-шахот, не очекувам некој сензационален резултат, едноставно сакам да ги видам моментните способности во оваа силна конкуренција на брз шах. Но би сакал да одиграм квалитетно и да забележам победа со некој посилен по рејтинг шахист од мене – ни изјави Лазов.
Околу 360 шахисти (127 велемајстори) од 40 европски федерации ќе се натпреваруваат до недела. Вечерва, од 18 до 21 часот, ќе се играат 11 кола (швајцарски систем), а најдобрите 16 ќе играат во осминафиналето утре, потоа е четврт-финалето, а в недела се полуфиналињата и финалето. Ќе се играат по четири партии, плус евентуален т.н. армагедон-дуел, ако е нерешено.
– Иако интернет-шахот е помалку почитуван во светот отколку традиционалниот шах, неговата важност расте – вели полскиот ВМ Јан-Кшиштоф Дуда, најдобро рангираниот играч на ЕП (2.743 поени).
Скопје беше домаќин на ЕП во забрзан (409 учесници) и во брз (324) шах во 2018 година, но партиите се играа во живо. Г.И.