Адријана Поп Арсова и Дарио Ивановски, кој вторпат во кариерата ќе трча маратонска трка, според формата и постигнувањата годинава важат за фаворити за нови титули, можеби и за поставување нови национални рекорди
АТЛЕТИКА – ПРЕД 17. СКОПСКИ МАРАТОН
До почетокот на 17. Скопски маратон што ќе се одржи на 3 октомври остануваат уште седум дена, во кои на организаторите им останува да ги завршат последните обврски, а на учесниците да се подготват најдобро што можат за искушенија што им претстојат. Најавени се неколку илјади учесници во сите трки, од онаа на пет км, па до главната во маратон, во машка и во женска конкуренција. Во отсуство на елитни тркачи од странство, кои втора година по ред ќе ги нема поради пандемијата на коронавирусот, интересирањето ќе биде насочено кон македонските маратонци, за кои оваа трка традиционално е и државно првенство. Од Атлетската федерација на Македонија (АМФ) информираат дека се пријавени 24 маратонци, 16 во машка и осум во женска конкуренција, меѓу кои се македонската рекордерка Адријана Поп Арсова, Весна Кираџиева, Дарио Ивановски, Александар Кираџиев, рекордерот и ветеран, Трпе Мартиновски, Марјан Бонев, Игор Јакимовски итн. Титулите од лани ќе ги бранат Поп Арсова (2;58,14 часа) и Дарио Ивановски (2;31,16) за кого тоа беше прва маратонска трка во кариерата. Тие според формата и постигнувањата годинава важат за фаворити за нови титули, можеби и за поставување нови национални рекорди.
– Со нетрпение го очекувам стартот на скопскиот маратон. Ја одработувам најуспешната сезона во кариерата и со право очекувам таа да продолжи со нов национален рекорд во најтешката атлетска дисциплина. Во одлична форма сум и тоа ми дава огромна самодоверба да го дадам најдоброто од себе – вели Поп Арсова, единствената македонска маратонка што оваа делница ја истрчала под три часа.
Дарио Ивановски вторпат во кариерата ќе трча маратонска трка, по онаа лани во Скопје кога беше втор во генералниот поредок, зад Украинецот Серхиј Шевченко.
– Сезонава соборив национални рекорди во пет дисциплини, се надевам дека ќе успеам да го сторам тоа и во маратонот. Одлично сум подготвен, мотивиран, нема причини нешто да се смени до следната недела, до 3 октомври, кога ќе излезам на маратонскиот мегдан пред домашната публика низ улиците на Скопје – истакнува Ивановски, рекордерот во делниците од 1.000, 3.000, 5.000 и 10.000 метри и на полумаратонот.
АЛЕКСАНДАР КИРАЏИЕВ
Очекувам добра трка и време под 2,35 часа
Еден од најдобрите македонски маратонци, Александар Кираџиев, по осми пат ќе трча на Скопскиот маратон.
– Меѓу 30-те маратони во мојата кариера, осум се на скопскиот на кои петпати бев шампион, а двапати вицешампион на Македонија во оваа дисциплина. Летово беше многу топло, беше тешко за тренинзи, зборувам за оние аматерски тркачи како мене, со полни работни обврски, фамилии, без ниту еден ден висински подготовки. Тренирав на сурови скопски надворешни услови, на кејот на Вардар и низ регионалниот пат кон Петровец и некако успеав да истуркам некои клучни тренинзи, кои ми се некаков индикатор за тоа што можам да очекувам наредниот викенд на маратонот во Скопје. Верувам дека можам да истрчам под 2,35 часа (лани беше четврти во генерален пласман, втор меѓу македонските претставници, зад Дарио Ивановски, со време од 2;40,57 часа – н.з.).