Првпат во полуфинале на гранслем-турнир се Подороска (настапот во Париз го почна во квалификациите), Свјонтек и Шварцман
Аргентинската тенисерка, 23-годишната Надја Подороска (131-та на ВТА-листата) го направи најголемото изненадување во женскиот дел на францускиот гранслем-турнир Ролан Гарос, пласирајќи се во полуфиналето на турнирот во својот дебитантски настап до кој стигна преку квалификациите. Во четвртфиналниот дуел, Аргентинката ја победи третата носителка на турнирот и петторангирана на ВТА-листата, Украинката Елина Свитолина, со 6-2, 6-4, за 79 минути. Со пласманот во полуфиналето, Подороска направи скок од речиси 90 места на ВТА-листата и од понеделник ќе биде во друштво на најдобрите 50 светски тенисерки. Таа во полуфиналето ќе игра со Ига Свјонтек од Полска, која, исто така, првпат игра во полуфинале на гранслем-турнир.
Во машкиот дел од турнирот, Аргентинецот Диего Шварцман во маратонски меч од повеќе од пет часа го победи годинашниот освојувач на САД опен и лански финалист на Ролан Гарос, Австриецот Доминик Тим, со 7-6, 5-7, 6-7, 7-6 и 6-2. За Шварцман ова е прво полуфинале на еден гран-слем во кариерата, а првпат на таков турнир победи тенисер што е меѓу најдобрите пет на АТП-листата. Аргентинецот од понеделник треба да го има најдобриот пласман и треба да биде меѓу најдобрите 10 тенисери на АТП-листата. Во полуфиналето тој денеска треба да игра со Шпанецот Рафаел Надал, рекордерот по бројот на освоени трофеи на турнирот во Париз (12).