Организаторите на Австралија опен соопштија дека нема да дојде до ситуација турнирот да биде одложен. Закана за првиот гранслем во сезоната претставуваат катастрофалните пожари кои беснеат во оваа земја.
Досега во пожарите загинале 24 лица, речиси 500.000 животни, а огнената стихија однела милиони хектари шума.
Воздухот во Мелбурн достигнал „нездраво ниво“, но организаторите на Австралија опен вовеле дополнителни мерки за да се обезбедат дека турнирот ќе се игра, пренесе Би-би-си.
„На самото место метеоролошки стручњаци и експерти за квалитетот на воздухот ќе ги анализираат податоците во реално време и ќе го проценуваат квалитетот на воздухот во Мелбурн“, рекол директорот на турнирот Крег Тили.
Видливоста во некои делови од Мелбурн и околината била помала од еден километар, соопштиле од Бирото за метеорологија на сојузната австралиска држава Викторија.
Во понеделникот квалитетот на воздухот имал индекс 213, а мерењата над 200 се сметаа за „многу нездрави“.
Бројни тенисери меѓу кои се Ник Кирјос, Новак Ѓоковиќ, Марија Шарапова и Ешли Барти ветиле финансиска помош.
Австралија опен ќе започне на 20 јануари, титулите ги бранат Новак Ѓоковиќ и Наоми Осака.