Најбитно е ние да се подготвиме најдобро што можеме, да бидеме сите здрави и да одиграме како што треба, вели Никола Ѓоргиев во пресрет на квалификациите за пласман на Европското првенство во 2021 година и дуелите со репрезентациите на Турција и на БиХ, во јануари, во Скопје

ОДБОЈКА – НИКОЛА ЃОРГИЕВ, КАПИТЕН НА МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Најдобрите македонски одбојкари во некомплетен состав, без неколкумина најдобри, се подготвуваат во Скопје за двата квалификациски турнира што ќе се одржат од 11 до 16 јануари во Скопје, за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година, кое треба да се игра во четири земји, во Полска, Чешка, Финска и во Естонија. Македонија е во група со репрезентациите на Турција и на БиХ.
Меѓу отсутните поради клупските обврски во Турција е и најдобриот и еден од најискусните, капитенот Никола Ѓоргиев, кој на репрезентацијата треба да ѝ се приклучи идната недела.
– Нема дилема, Турција е фаворит за освојување на првото место во групата, што води директно на ЕП. Го видов нивниот поширок список, станува збор за многу квалитетни одбојкари, повеќето од нив играа и лани, на ЕП 2019. Еднакво се добри на сите позиции за кои рамноправно конкурираат по петмина одбојкари, го имаат и одличниот Адис Лагумџија, на коректорската позиција, кој настапува во Веро волеј од Монца, во италијанската Серија А. Тоа е спој на искусни, но и млади играчи. Не знам кој сѐ ќе биде во тимот, но со каков било состав да дојдат, ќе ни биде многу тешко. Но не се непобедливи, а доколку Македонија одигра најдобро што може, очекувам да забележиме барем една победа. БиХ има нов селектор, но, според некои мои сознанија, ќе бидат без најдобрите. Но тоа е нивни проблем, најбитно е ние да се подготвиме најдобро што можеме, да бидеме сите здрави, бидејќи имаме доста „тенка“ клупа, и да одиграме како што треба. Подолго време играме заедно, поискусни сме и за едно ЕП. Се надевам и очекувам нов настап на ЕП – ни изјави Ѓоргиев, кој се очекува да настапи на двете контролни средби со Бугарија, на 29 и 30 декември во Скопје.

На континенталното првенство в година ќе се пласираат првопласираните од седумте квалификациски групи и петте второпласирани со најдобар ефект. Настап на ЕП 2021 веќе обезбедија деветте првопласирани селекции од ЕП 2019, Србија, Словенија, Полска, Франција, Русија, Италија, Украина, Германија и Белгија, потоа Летонија, како победник на квалификациската група Д, како и репрезентациите на другите три домаќини на континенталното првенство во 2021 година.
На Европското првенство во 2019 година првпат настапи и репрезентацијата на Македонија, во групата Ц, во Љубљана (Словенија), и го освои петтото место, забележувајќи две победи, над селекцијата на Словенија, која подоцна стана европски вицешампион, и над репрезентацијата на Белорусија.
Ѓоргиев сезонава повторно е во Турција, во Инегол Беледиспор, блиску до Бурса. Претходно тој настапуваше за повеќе странски тимови, во Србија, Италија, Турција, Франција, Полска, Јапонија, Германија…
– Добро ми е тука, одлично сум прифатен од сите, задоволен сум. Засега добро туркаме, имаме солиден тим, се надевам дека ќе го реализираме планираното. Се наоѓаме на средината на табелата, се бориме за место меѓу осумте најдобри што напролет ќе разигруваат за титула и за настап во европските купови – вели Ѓоргиев, кој веднаш по квалификациите се враќа во Турција за продолжението од сезоната. 


Македонија в година шести пат ќе игра во Европската сребрена лига

Одбојкарската репрезентација на Македонија повторно, по шести пат, ќе биде дел од таканаречената Европска сребрена лига, која треба да се одржи во 2021 година. Поради пандемијата на ковид-19, годинава не се играа натпревари во оваа конкуренција. Македонија е во групата А, со селекциите на Израел, Данска и на Кипар.
Првиот турнир треба да се одржи во Данска, од 28 до 30 мај, а вториот во Македонија, од 4 до 6 јуни. Кон крајот на јуни, од 25 до 27 јуни 2021 година, треба да се одигра завршниот турнир, за чија организација аплицира и Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Во групата Б, пак, се репрезентациите на Австрија, Хрватска, Унгарија и на Луксембург. Се игра според системот секој со секого во групата, вкупно по шест меча. На завршниот турнир ќе се пласираат по две првопласирани од групите.
Доколку организаторот на турнирот не е меѓу нив, тогаш, покрај него, во завршницата ќе се најдат двете првопласирани и второпласираната селекција со подобар скор.
Во втората по ранг, Европска сребрена лига, Македонија трипати беше втора, во 2015, 2016 и во 2017 година и еднаш трета, на дебито во тоа натпреварување, во 2014 година. Л.Д.