Магнус почна да се интересира за шах на седум и пол години затоа што сакаше да ја победи својата постара сестра. На осум и пол години тој го одигра својот прв турнир и покрај тоа што не победи, тој многу се забавуваше, но веќе немаше враќање. Шахот стана негов живот, вели татко му Хенрик, во документарниот филм „Приказната за Магнус Карлсен“

Норвежанецот Магнус Карлсен има само 30 години, но веќе 17 години е шаховски велемајстор (ВМ), 10 години е број 1 во светот, а во претходните осум и светски првак. Документарниот филм „Приказната за Магнус Карлсен“, во седум дела, што се емитуваше за време на последниот интернет-турнир „Магнус Карлсен“, а го пренесе шаховскиот портал „Чес 24“, даде поглед од зад сцената, вклучувајќи интервјуа со татко му Хенрик, постарата сестра Елен, менаџерот Еспен Агдестајн и со секундантот Лудвиг Хамер.
– Магнус покажа јасна способност за одредени активности, како концентрација, за кои мислев дека добро ќе се совпаднат со шахот, па затоа се обидов да го научам него и неговата постара сестра, кога тој имаше четири и пол години, ама тоа беше тешко. Магнус почна да се интересира за шах на седум и пол години затоа што сакаше да ја победи својата постара сестра. На осум и пол години тој го одигра својот прв турнир и покрај тоа што не победи, тој многу се забавуваше, но веќе немаше враќање. Шахот стана негов живот – вели неговиот татко Хенрик.
Магнус Карлсен стана меѓународен мајстор во 2003 година кога неговите родители решија да го исполнат сонот и да одвојат една година за да патуваат со своите три деца низ Европа. Магнус тогаш го победи 12-от светски првак Анатолиј Карпов и беше многу блиску да го победи 13-от светски шампион Гари Каспаров, на турнирот во Рејкјавик.

– Имав шанса да играм многу турнири и, исто така, да не размислувам за премногу други работи. Веројатно тоа е годината кога го направив најголемиот скок. Потоа станав велемајстор и го постигнав својот прв пробив – се присетува на тие времиња Карлсен.
Карлсен исполни норми за велемајстор (ВМ) во почетокот на 2004 година во Вајк ан Зе и во Москва, играјќи партии што имаа голем одзив во шаховскиот свет. Тој ја исполни и третата ВМ-норма во Дубаи, со ремито во последното коло против Виорел Јорданеску.
– Уште се сеќавам на нервозата што ја чувствував на денот и на партијата каде што конечно ја добив титулата. Мојот противник мислам дека понуди реми во нешто полоша позиција и, искрено, не можев побрзо да прифатам реми, затоа што само ја посакував титулата. Тоа било пред речиси 17 години. Јас сум велемајстор многу подолго отколку што не сум бил – вели Карлсен.
До 2012 година Магнус го надмина долгогодишниот рејтинг-рекорд поставен од Каспаров, а стана светски првак по победата над Вишванатан Ананд во 2013 година. Потоа Карлсен ја одбрани на титулата во дуелите со Ананд (2014 година), Сергеј Карјакин (2016) и со Фабијано Каруана (2018).


„Не сум нужно толку среќен што ја имам, само би бил многу несреќен да ја немам“

Она што сите прво го споменуваат очигледно е светски шампион и јас со текот на годините сѐ повеќе се идентификував со тоа. Убаво е, отвора некои врати и е позиција на голема привилегија, но нужно не мора да сметам дека е многу здраво. Неколку години пред да станам светски шампион поголемиот дел од времето бев мошне среќен само затоа што патував, играв на турнири и не бев толку заинтересиран за Светското првенство. Се смени малку кон крајот на 2012 година и во почетокот на 2013 година, но повеќе личеше на тоа „ајде да пробаме да ја освоиме, зошто да не?“ Откако ја освоив титулата, ситуацијата стана многу поинаква, затоа што тогаш не сакав да ја изгубам, не сакав никој друг да ми ја одземе. Не сум нужно толку среќен што ја имам, само би бил многу несреќен да ја немам, вели Магнус Карлсен, во документарниот филм „Приказната за Магнус Карлсен“.