Погачар, покрај „жолтата маичка“ наменета за победникот во генерален пласман, беше најдобар и во уште две категории, за млад возач до 25 години (бела маичка) и за ридски возач (точкеста маичка)
ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТУР ДЕ ФРАНС
Словенецот Тадеј Погачар (22) втора година по ред триумфира на најпрестижната велосипедска трка на светот, на 108-то издание на Тур де Франс. Вчера се возеше последната етапа низ улиците на Париз, со крај на Елисејските Полиња, која по традиција е ревијална и лидерот не се напаѓа. Погачар како и лани, покрај „жолтата маичка“ наменета за победникот во генерален пласман, беше најдобар и во уште две категории, за млад возач до 25 години (бела маичка) и за ридски возач (точкеста маичка).
– Супер, среќен сум што заврши вака, а сѐ помина толку брзо. Тешко е да се опише сѐ. Не може да се споредува, лани беше нешто друго, годинава е поинаку – изјави Погачар по 20-та етапа на хронометар, на која беше седми.
Настапот на Погачар на годинашниот Тур беше импресивен, иако имаше и доста среќа со оглед на тоа дека во првата недела од трката при еден инцидент беше единствениот од фаворитите што остана неповреден. По победата во петтата етапа победа на хронометар, тој го презеде водството и без поголеми проблеми ги издржа нападите на ридско-планинските етапи од Данецот Јонас Вингегард и од Еквадорецот Рихард Карапаз, победувајќи и во клучните, 17-та и 18-та етапа на Пиринеите.
– Во него го гледам новиот Канибал. Тој веќе победи на две трки, исклучително е силен – изјави легендарниот Еди Меркс, петкратен победник на Тур, кој го носи прекарот Канибал.
За победата во генерален пласман, Погачар ќе добие 430.000 евра, по 22.500 и 17.500 евра за најдобар млад возач и за најдобар на ридско/-планинските етапи, плус 7.000 евра како бонус за 14-те дена (500 евра дневно) на лидерската позиција.