Емил Павлов

ЕП ќе се одржи 20 дена пред квалификацискиот турнир во Париз за пласман на ЛОИ, па се надевам дека ќе ја истемпирам формата на највисоко ниво и ќе успеам да освојам нов медал на ЕП, а потoа и во Париз, вели Емил Павлов, освојувач на четири медали од ЕП (по две злата и бронзи)

КАРАТЕ

Извршниот комитет (ИК) на Европската карате-федерација (ЕКФ) одлучи 56-то Европското првенство (ЕП) за сениори во 2021 година да се одржи во Пореч (Хрватска) од 19 до 23 мај, три недели пред квалификацискиот турнир во Париз (од 11 до 13 јуни) за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио (Јапонија) идната година. Изборот на нов домаќин дојде откако шведскиот град Гетеборг ја откажа организацијата на континенталното сениорско првенство во карате.
– Сметам дека Пореч како домаќин на Европското првенство ми одговара, бидејќи е многу поблиску од другите градови што беа во конкуренција за организатори на ова натпреварување. Ова Европско првенство ќе се одржи 20 дена пред квалификацискиот турнир за пласман на Летните олимписките игри, па се надевам дека ќе ја истемпирам формата на највисоко ниво и ќе успеам да освојам нов медал на европските првенства, а потoа и на олимпискиот квалификациски турнир во Париз – ни изјави Емил Павлов, четирикратен освојувач на медали од европските првенства, од кои два златни, на шампионатите во Тампере (Финска, во 2014 година) и во Нови Сад (Србија, во 2018-та), како и две бронзи, на првенствата во Монпелје (Франција, во 2016-та) и во Гвадалахара (Шпанија, во 2019 година).
Европското првенство ќе носи бодови и за светската ранг-листа.