Тој во полуфиналето го победи актуелниот светски првак и се пласира во финалето на турнир од Премиер-лигата во Москва, каде што, според некои пресметки, досега освои 750 олимписки бода, а со победа утре ќе освои нови над 200 бода
Најдобриот македонски каратист Емил Павлов (категорија до 60 кг во борби), се пласира во финалето на престижната Премиер-лига, која викендов се одржува во Москва. Спортистот на Македонија за 2018 година во полуфиналето го победи со 1-0 Италијанецот Анџело Крешенѕо (6.195 олимписки бода), актуелен светски првак и моментално втор на олимписката листа за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио в година, и во неделното финале ќе ги одмери силите со турскиот претставник Ерај Самдан.
Претходно Павлов оствари четири победи, против Унгарецот Ласло Киш (4-1), Шпанецот Матиас Гарсија (6-0), Летонецот Калвис Калининис (5-3) и Бразилецот Даглас Бросе (2-0).
Тој, според некои пресметки, со пласманот во финалето освои 750 бода за олимписката листа, а со победа во финалето Павлов би требало да освои уште над 200 олимписки бода за листата за пласман на ЛОИ 2020. До почетокот на ЛОИ има уште девет турнири што носат бодови за ЛОИ, а потоа има и квалификациски турнир во Париз, од каде што, според информациите, првопласираните тројца по категорија обезбедуваат пласман на Игрите.
Другите македонски каратисти на турнирот во Москва, Ненад Келебиќ (категорија до 67 кг), Петар Заборски (до 75 кг), Берат Јакупи, Виктор Крстевски и Петар Спасеновски (сите до 84 кг), Жарко Арсовски (над 84 кг) и каташите Фери Исиќ и Пуликсенија Јованоска, вчера и денеска требаше да ги имаат своите настапи на татамите.