Со Стивен да Коста досега се немам борено, како и со сите други тука, оти првпат настапувам во оваа повисока категорија, но ќе дадам сѐ од себе да победам и да го освојам златниот медал, вели Павлов пред денешното финале

КАРАТЕ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ДУБАИ

Најдобриот македонски каратист Емил Павлов (29), член на КК Штип, денеска во големото финале на Светското првенство (СП) во Дубаи ќе се бори за златниот медал со мошне силниот француски каратист и носител на златниот медал од Летните олимписки игри во Токио годинава, Стивен да Коста. Со пласманот во финалето, Павлов (категорија до 67 кг) обезбеди најмалку сребрен медал, што е најголем успех на еден македонски каратист во борби на светските првенства.
– Имав пет тешки борби на ова СП и бев во една од најтешките групи. Во Дубаи дојдов максимално подготвен, но и мотивиран, оти ми недостига токму ваков медал. Сите пет борби на татамите ми беа тешки, со силни противници, но кога би требало да издвојам некои, тоа би биле четвртфиналната и полуфиналната борба, во кои победив двајца мошне квалитетни каратисти, кои зад себе имаат многу успеси во оваа категорија. Со мојот денешен противник во финалето, Стивен да Коста досега воопшто се немам борено, како и со сите други тука, оти првпат настапувам во оваа повисока категорија. Но противникот сум го гледал, тој е актуелен олимписки првак, квалитетен каратист со многу медали зад него. Ќе дадам сѐ од себе да го победам и да го освојам златниот медал, бидејќи тоа е сон на мојата кариера, а го сонувам уште од моите почетоци во каратето. Сега имам можност да го остварам тој сон, да постигнам уште еден голем успех во мојата спортска кариера и со тоа да ја израдувам македонската спортска јавност – ни изјави Павлов, кој е двократен европски првак (во 2014 и во 2018 година), а двапати бил и трет (во 2016 и во 2019 година) и е носител на бронзен медал од првите Европски игри (во 2015 година).