Со учество на над 400 мотоциклисти од земјава и странство се одржа 27-мото Рели на независноста, организирано по повод 8-ми Септември.
Помеѓу многубројните мотоциклисти учесници на релито, беше и највозрасниот и најдолговечен учесник на ова рели Павле Павлов, кој по 27-ми пат партиципира на Релито на независноста.
– Од почетокот на одржувањето на Релито на независноста јас сум негов учесник и во тој поглед сум апсолутен рекордер. Од година во година релито е се подобро организирано, а и одзивот на учесниците е се поголем. Годинава покрај домашните имаме и учесници од странство и тоа од Бугарија, Србија, Хрватска и Грција, кои се презадоволни од дружбата со домашните колеги, каде секојдневно ја чувствуваат македонската душа. Инаку покрај домашното рели, во изминатите неколку години сум бил учесник и на осум слични мото собири во странство, а последен пат годинава бев учесник на сличен настан во Франција. Ја и покрај своите 68 години, не планирам да се повлечам од ова рели, напротив се додека ме служи здравјето ќе бидам дел од него- истакна Павле Павлов на поминување низ Кичево, а друштво му прави и неговата сопруга Славица Павлова, која во последните 25 години е редовен учесник на ова рели и е рекорден меѓу понежниот пол.
– Од почетокот на релито бев во дилема дали да му се придружам на Павле или не. Но после првото учество во 1993 година, толку многу го засакав ова рели што повеќе не можам да го замислам 8-ми Септември без да сум дел од него. Па, не сум Македонка туку така, и јас си ја сакам својата земја и затоа со уште поголемо задоволство и елан, ќе учествувам на релито и наредните години- додаде Славица Павлова, женскиот рекордер на Релито на независноста.
Зоран Антоски