Откажувањето на Летните олимписки игри (ЛОИ) в година во Токио поради пандемијата на коронавирусот може да чини два или трипати повеќе отколку одржување на настанот, вели претседателот на Организацискиот комитет (ОК) при презентирањето на извештајот за статусот на одложените Игри на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) на виртуелниот состанок.
– Ако ги откажеме Игрите, цената ќе биде двојно поголема од тековната за одржување на Игрите. Веќе имаме инвестирано во одредени работи и ако Игрите не се одржат, тоа сигурно ќе резултира во големи загуби. Лесно би дошле до двапати или дури трипати повеќе дополнителни трошоци – вели претседателот на Токио 2020, Јоширо Мори.
Претседателот на ИОК, Томас Бах, реизборот на гувернерот на Токио, Јурико Коике, го посочи како доказ дека јапонската јавност и понатаму е заинтересирана нивната земја да биде домаќин на Игрите.
Главниот извршен директор на Токио 2020, Тоширо Муто, рече дека тие презентирале 200 начини на „поедноставување“ на Игрите што би помогнало да се минимизираат зголемените трошоци за презакажувањето.
Еден начин, според него, е намалување на бројот на присутните, на пример претставници од националните олимписки комитети. Тој истакна дека ќе нема промени во бројот на спортистите или на натпреварувањата, за кои рече дека се „основниот елемент“.
Бах беше прашан дали ИОК размислува за намалување на бројот на гледачите на борилиштата.
– Помалку гледачи, тоа е едно од сценаријата што треба да ги разгледаме затоа што тоа е поврзано со патните ограничувања, карантинот, сѐ, но уште е рано е да се каже. Тоа не е она што го сакаме. Би сакале да ги видиме стадионите полни со ентузијастички гледачи – вели Бах.
ЛОИ во исти арени, програма и Олимписко село
Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, кои се одложени до 2021 година, треба да се одржат во истите арени и со истата натпреварувачка програма како што беше првично планирано, и покрај значајните мерки на штедење.
Олимпиското село за спортистите, исто така, ќе биде достапно повторно по интензивните преговори со инвеститорите, соопштија во петокот организаторите на Игрите во Токио на седницата на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), пренесе „Кикер“.
Претседателот на ИОК, Томас Бах, рече дека неопходното намалување на трошоците и поедноставувањето на ЛОИ не треба да влијаат на „спортот и спортистите“.
Благодарение на успешните разговори, планираната програма на натпреварите би можела да остане иста, рече првиот човек на комисијата за координација на ИОК, Џон Коутс. Веќе купените билети остануваат валидни, но од есенва може и да се вратат, пишува „Кикер“.