Во 2024 година, Париз ќе стане само вториот град што трипати ќе биде домаќин на ЛОИ. Според најавите, ќе има настани низ целиот град во 2024 година, па дури и во светот, на пример во сурфање, на Тахити, а урбаниот спортски парк во Париз се очекува да биде сместен на најголемиот плоштад во главниот град на Франција, „Конкорд“. Најавени се и други привремени спортски објекти во градот, како, на пример, стадион на отворено за одбојка на песок во подножјето на Ајфеловата кула…

НАЈАВИ НА ИЛЈАДА ДЕНА ДО ЛЕТНИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО 2024 ГОДИНА ВО ПАРИЗ

Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио беа одржани неодамна, минатата недела вниманието беше свртено кон зимските спортови пред Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг во 2022 година кои треба да почнат за помалку од 100 дена, а сега и градот домаќин на 33-те ЛОИ, Париз, обележува 1.000 дена до отворањето на Игрите во 2024 година, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) на својата интернет-страница.
Во 2024 година, Париз ќе стане само вториот град што трипати ќе биде домаќин на ЛОИ, по Лондон, каде што се одржаа летните олимписки игри во 1908, 1948 и во 2012 година. Француската престолнина претходно беше домаќин на вторите модерни Игри, во 1900 година, како и на Летните олимписки игри во 1924 година.
Според најавите, ќе има настани низ целиот град во 2024 година, па дури и во светот, на пример во сурфање, кое се очекува да се одржи на Тахити, а урбаниот спортски парк во Париз се очекува да биде сместен на најголемиот јавен плоштад во главниот град на Франција, „Конкорд“.
Организаторите се надеваат дека на тоа место ќе има до 37.000 луѓе дневно за натпреварите во брејкденс, БMX слободен стил, скејтбординг и во 3х3 кошарка, како и за забава, со концерти, изложби и спортски демонстрации што е планирано да се одржат во тој урбан парк, пишува Интернационалниот олимписки комитет.
На официјалната интернет-страница на Летните олимписки игри во 2024 година се најавени и други привремени спортски објекти во градот, како, на пример, стадион на отворено за одбојка на песок во подножјето на Ајфеловата кула, потоа во непосредна близина и арена за борење, џудо и за брејкденс…, ќе се користат и повеќе постојни објекти, како, на пример, фудбалските стадиони „Паркот на принцовите“ (за фудбал) и „Стад де Франс“ (за атлетика и за рагби), салата „Берси“ (за кошарка и за гимнастика), терените на Ролан Гарос (за тенис и за бокс)… Предвидени се и натпревари на турнирот во фудбал и во неколку други градови во Франција, во Марсеј треба да се одржат натпреварите во едрење…

По повод обележувањето на 1.000 дена до почетокот на следните Летни олимписки игри, вчера низ улиците на Париз се одржа необична трка, во која двојниот олимписки шампион, светски рекордер и маратонец што најдолгата атлетска патека ја поминал за помалку од два часа, Елиуд Кипчоге, учествуваше на масовната трка со 2.000 учесници. За трката во стилот на потера учесниците беа поделени врз основа на нивните лични рекорди, најбавните тргнуваа први и најбрзите последни. Кипчоге последен ја почна трката и секој што заврши пред Кениецот Кипчоге ќе настапи во јавниот масовен атлетски маратон во Париз во 2024 година, на истата патека и на истиот ден како и олимписката маратонска трка.
Се предлага и олимписката велосипедска трка да биде споена со јавната велосипедска трка, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“ на својата интернет-страница.
Тони Естанге, пак, троен олимписки шампион во кану и претседател на Организацискиот одбор на Летните олимписки игри во 2024 година, ја стави на маса идејата церемонијата на отворање на Игрите да се однесе надвор од стадионот, на улиците, да се поврзе со јавноста, да ѝ даде можност да учествува во олимписката забава, а реката Сена би била заедничка нишка на отворањето, за во нејзините води и на нејзините брегови да се одржи шоуто пред двете недели олимписки натпреварувања, пишува „Марка“.