За време на денешното свечено отворање на турнирот ќе има и филателистичка изложба, како и друг музички перформанс, вели директорот на турнирот Ѓорѓи Миновски
По повеќегодишно апстинирање, од денеска па до 12-ти месецов, повторно се активира некогашниот меѓународен шаховски турнир „Опен Скопје“, по кој во минатото Скопје беше познато на шаховската мапа низ светот и на кој досега продефилираа многу силни шахисти.
– Македонската шаховска сцена беше замрена во поглед на сениорски турнири во класичен шах. Со нефункционалната Шаховска федерација на Македонија (ШФМ), максимумот беше да се добие некакво државно првенство, макар и во форма на опен турнир. Македонија го имаше само турнирот „Опен Карпош“, но и тој згасна.
Со мојот избор на челната позиција во Шаховскиот сојуз на градот Скопје, заложбата беше токму во насока на играчите да им понудиме стандардни турнири, наместо со забрзано и брзо темпо на игра. Најпрво ги ревитализиравме младинските првенства, а сега и меѓународниот турнир „Опен Скопје“, кој неколку години се организираше со забрзано темпо, но сега го враќаме на старите патеки – вели Ѓорѓи Миновски, претседател на Шаховскиот сојуз на градот Скопје.
На ден пред почетокот на турнирот, беа пријавени вкупно 73 шахисти (од кои шест шахистки), од Србија, Русија, Белгија, Албанија, Бугарија и од Македонија, од кои три ВМ, три ИМ, осум ФМ, еден ЖФМ. Секако, се очекува до денешниот почеток нивниот број да биде уште поголем.
– На ваквите турнири во соседството има по 150-200 учесници, кај нас засега се пријавени околу 80. Очекувам да има поголем одзив, македонските шахисти да го вреднуваат нашиот труд и да дојдат да играат. Ова е манифестација за нив, ако самите ја потценат, ја минираат нејзината иднина. Верувам дека сите што не играле подолго време можеби се колебаат, но шахот е пред сѐ игра, па упатувам отворен повик до сите шаховски ентузијасти да бидат со нас од 6 до 12 декември во хотелот „Континентал“. Покрај турнирот, за време на свеченото отворање, ќе има и филателистичка изложба, како и друг музички перформанс. Сакам овој турнир да го врати Скопје на шаховската мапа, бидејќи имаме длабоки корени од Шаховската олимпијадата (ШО) во 1972 година во Скопје и треба да ги негуваме – истакна амбициозниот Миновски, кој е и директор на турнирот.
Турнирот ќе се игра во 9 кола, 1-то е денеска (17.30 ч.), со тоа што 2-то и 3-то, како и 5-то и 6-то коло, ќе се играат во еден ден, в сабота, односно в понеделник. Прворангиран на турнирот е ИМ од Русија Вјачеслав Тиличеев (2.493 рејтинг-поени), а втор е македонскиот ВМ Звонко Станојоски (2.457).