Македонија на 18-те Медитерански игри ќе се натпреварува со 71 спортист, во 15 спорта, а денеска први ќе настапат Петар Јаневски во стреличарство и одбојкарската репрезентација. На дебито на Игрите во 2013 година Македонија освои пет медали
Македонската спортска експедиција од 71 спортист од денеска до 1 јули во Тарагона, Шпанија, ќе настапи на 18-те Медитерански игри (МИ). Први на терените ќе се појават Петар Јаневски во стреличарство и одбојкарската репрезентација. Македонија ќе се натпреварува во 15 спорта, три во екипна конкуренција (ракомет мажи и жени, одбојка мажи и во баскет мажи) и 12 во индивидуална конкуренција (карате, борење, тенис, таеквондо, џудо, атлетика, пливање, коњички спортови, стрелаштво, стреличарство, пинг-понг и веслање).
Најголеми надежи за освојување медали се полагаат во каратистите што последниве години редовно се враќаат со медали од најголемите европски и светски натпреварувања. Тие се и најмногубројни во македонската селекција (во индивидуалните спортови), шестмина: Емил Павлов, Ненад Келебиќ, Берат Јакупи, Жарко Арсовски, Ангела Мојсовска и Симона Заборска. Потенцијални освојувачи на медали во Тарагона може да се бараат и меѓу борачите Раиф Камбери, Бесмир Веселовски, Магомедгаџи Нуров и Дејан Митров, како и во натурализираниот Македонец, несудениот олимпиец од Рио 2016, Словенецот Лука Заложник, кој ќе се натпреварува во коњичките спортови.
На минатите игри во Мерсин, македонските спортисти освоија пет медали. Единствениот сребрен медал тогаш го освои борачот Дејан Богданов, а со бронзи се закитија борачите Дејан Митров, Бобан Данов и Јасин Реџалари и боксерот Фатлум Жута.
На Игрите ќе настапат 4.000 спортисти од 26 земји, во вкупно 31 спорт.