Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) останува на ставот дека Летните олимписки игри (ЛОИ) 2020 во Токио летово ќе се одржат според планираното и оти за одложување или откажување воопшто не се размислува. Неодржувањето или одолжувањето на ЛОИ, во случајот поради коронавирусот, би било невиден преседан, и досега не се случило во мирновременски период.
Првиот човек на ИОК, Томас Бах, ја смирува топката и од Лозана ги повика спортист(к)ите да продолжат со подготовките, уверувајќи ги дека со Игрите сѐ ќе биде во ред. Според некои, ИОК нема план Б доколку дојде до ескалација на коронавирусот. Но ова треба да се земе со резерва затоа што ИОК јавно нема да се огласува бидејќи тоа би имало штетен ефект врз продажбата на билетите, би ги загрижил спортистите и не би било воопшто добро за сите важни партнери, како што се ТВ-компаниите и моќните спонзори, се вели во анализата на „Би-би-си“.
Со клаузулата 66 или „Прекин“ во договорот, градот-домаќин Токио му дава овластување на ИОК да ги повлече „Игрите од градот“ во случај на војна (како во 1916, 1940 и 1944 година), граѓански немири или бојкот, или ако смета дека безбедноста на учесниците би била загрозена „од која било причина“. Според тој документ, ИОК може да го откаже одржувањето на Игрите годинава. Но не се спомнува зборот одложување, пишува „Би-би-си“.
Познавачите на околностите во ИОК велат дека е тешко веројатно, па и невозможно одложување на Игрите за три до четири месеца, како што пред неколку дена спомена олимписката министерка на Јапонија, Сеико Хашимото. Прво поради преполниот спортски календар, со многу други меѓународни настани планирани години однапред. Потоа, според договорот од пред четири години, повеќе од 5.000 стана во олимпиското село, по Параолимписките игри (ПОИ), треба да им бидат продадени на приватни лица. Тоа значи дека повторно би требало да се бара простор за 11.000 спортисти и за илјадниците други лица. Неизвесно е дали ќе има слободни хотелски соби, па и волонтери.
Најважниот партнер во ИОК, ТВ-компанијата НБЦ, штотуку објави дека продала рекордни 1,26 милијарда долари рекламен простор за Токио 2020. Со одложувањето Игрите би се судриле со новите сезони во НБА и НФЛ во САД, со негативен ефект врз гледачите, пишува „Би-би-си“.
Како други опции се споменуваат Игри зад затворени врати, без публика, но во тој случај би требало да се вратат парите за купените билети во износ од стотици милиони долари. Се спомнува одложување на Игрите за една година, пренасочување во некој друг град или земја или целосно откажување. Но сево ова е незамисливо. Во договорот за град-домаќин се наведува дека, во случај на откажување, локалниот организациски комитет (ОК) „се откажува од какво било побарување и право на каква било форма на обесштетување, компензација или правен лек од кој било вид“. Тоа значи дека Токио не може да го тужи ИОК и да бара отштета.
Според „Би-би-си“, ИОК има резерви од околу 900 милиони долари во случај да не се одржат Игрите, за поддршка на меѓународните спортски федерации и на националните олимписки комитети. Се смета и дека ИОК дал 26 милиони долари за осигурување за да ги покрие инвестициите од над една милијарда долари, пишува „Би-би-си“.
Осигурителната индустрија би можела да биде најголемиот губитник во случај на откажување на Игрите, пишува во анализата на „Би-би-си“. Таа одеднаш би се соочила со побарувања вредни стотици милиони долари од ТВ-компаниите, од рекламните компании, од спонзорите, хотелиерите и од локалните организатори, сите во обид да ги намалат загубите. Јапонија, која можеби ја има осигурено загубата од (не)продадените билети, тешко би ги вратила околу 13-те милијарди долари потрошени на инфраструктура и подготовка на Игрите во текот на минатите седум години. Загубата на приходите од туризмот, исто така, би бил голем удар врз економијата на земјата, пишува „Би-би-си“. Л.Д.