Ја сакав секоја минута од викендот. Тоа што заминуваме со победа, знаејќи дека не бевме најбрзи викендов, е вистински резултат, изјави Хамилтон, пренесе „Би-би-си“
ФОРМУЛА 1
Отворањето на новата сезона во Формула 1 донесе голема драма, па победникот на првата трка сезонава, за големата награда на Бахреин, се одлучуваше во последните кругови, во директна трка помеѓу Британецот Луис Хамилтон од Мерцедес и Холанѓанецот Макс Ферстапен од Ред Бул. Седумкратниот шампион Хамилтон со победа ја почна одбраната на титулата и за него ова е 96-та победа во кариерата.
Ферстапен ја имаше победата во свои раце, но мораше да му го препушти првото место на Хамилтон, откако директорот на трката Мајкл Маси утврди дека при престигнувањето, Ферстапен ја напуштил патеката на четвртиот свијок, пишува „Би-би-си“.
– Ја сакав секоја минута од викендот. Знаевме дека заостануваме во перформансите. Тоа што заминуваме со победа, знаејќи дека не бевме најбрзи викендов, е вистински резултат. Имавме среќа што Макс замина широко во четвртиот свијок, но тоа сигурно нема да се повтори. Значи, мора да бидеме подобри и попаметни, со фактот дека немаме најбрз автомобил во моментот. Но сево ова е добро за мене, бидејќи не ми пречи да треба да извлечам повеќе за да направам разлика – изјави Хамилтон, пренесе „Би-би-си“.
Трката во Бахреин ја обележија и две дебија. Првата трка во кариерата во Формула 1 ја извози Мик Шумахер (22), синот на легендарниот возач и седумкратен првак Михаел Шумахер. Во болидот на Хас, Мик ја заврши трката на 16-та позиција. Тој е третиот Шумахер во Ф1 по неговиот татко Михаел и чичкото Ралф. Деби на патеката во Бахреин имаше и Никита Мазепин (22), исто така, во тимот на Хас.
Следна е трката е во Имола, на 18 април.