Фокусот ни е најмногу насочен кон Финците, а потоа ќе ги гледаме другите противници и ќе се подготвуваме за да оствариме позитивни резултати, вели македонскиот репрезентативец Ангеловски, пред денешниот дуел (18 ч.) со домаќинот, во групата Ц
Првиот натпревар на првото Европско првенство го игравме против Финска и бевме во грч затоа што дебитиравме на европската сцена. Вторпат отвораме со Финска, со тоа што сега сме поискусни за две години. Фокусот ни е најмногу насочен кон Финците, а потоа ќе ги гледаме другите противници и ќе се подготвуваме за да оствариме позитивни резултати, вели македонскиот репрезентативец, либерото Дарко Ангеловски, во пресрет на денешниот почеток на 32-то Европско првенство (ЕП), во групата Ц, во Тампере, со мечот со селекцијата на Финска (18 часот, пренос на МТВ).
ЕП ќе се игра уште и во Полска, Чешка и во Естонија, а ова ќе биде втор настап за Македонија на континенталните првенства, по оној во 2019 година, кога црвено-жолтите настапија во групата што се играше во Љубљана, Словенија.
Македонските одбојкари, предводени од селекторот Душко Николиќ, веќе три дена се во Тампере.
– Размислуваме натпревар по натпревар, бидејќи веќе сме искусна екипа и нема зошто да се залетуваме. Напротив, ќе одиме полека – вели репрезентативниот блокер Ристо Николов во пресрет на првиот меч.
Најдобрите четири репрезентации од секоја од четирите групи на континенталното првенство годинава ќе се пласираат во осминафиналето, кое треба да се игра во Полска и во Чешка. Македонија на минатото ЕП го освои 17-то место, а титулата ќе ја брани селекцијата на Србија.