ТЕНИС – РОЛАН ГАРОС
Ѓоковиќ победи на Ролан Гарос и стана првиот тенисер во опен-ерата што секој од четирите гранслем-турнири го освоил барем двапати
Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ со сензационален пресврт во финалето на Отвореното првенство на Франција, Ролан Гарос, го победи Стефанос Циципас, со 6-7, 2-6, 6-3, 6-2 и 6-4, и стигна до својата 19-та гранслем-титула. Со триумфот во Париз, Ѓоковиќ стана првиот тенисер во т.н. опен-ера (од 1968 година, кога било дозволено да играат и професионалци) што секој од четирите гранслем-турнири го освоил барем двапати (девет титули од Австралија опен, пет од Вимблдон, три од САД опен и две од Ролан Гарос).
– Постигнав работи за кои многу луѓе сметаа дека е невозможно да ги постигнам. Но сѐ е можно – изјави, меѓу другото, Ѓоковиќ, пренесе АТП.
Од претходно тој е единствениот што барем двапати победил и на секој мастерс-турнир од серијата 1000. Ѓоковиќ сега има само една гранслем-титула помалку од Шпанецот Рафаел Надал и од Швајцарецот Роже Федерер, кои го делат првото место на оваа листа. Светскиот рекет број еден има 60 „големи титули“ (трофеи од гранслем, АТП-финале, АТП-мастерс 1000 или златен медал во поединечна конкуренција од Летни олимписки игри) и предност од три такви трофеи пред Надал и шест пред Федерер. Ѓоковиќ има и најдобар просек на победи за „големите титули“, на секои 3,3 турнири тој освојува трофеј. Просекот на Надал е 3,5 турнири, а на Федерер 4,4 турнири.