За уличната трка в недела досега се пријавени 1.900 натпреварувачи (од 24 земји), што е за 300 повеќе од минатата година
Трета година едноподруго улиците во Скопје ќе понудат можност за спорт, рекреација и дружба на голем број рекреативци и професионални тркачи, кои ќе бидат дел од трката „Скопје трча 10 км“ во организација на Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со атлетскиот клуб Работнички и Атлетската федерација на Македонија, а со помош на Министерството за внатрешни работи.
Трката е закажана за в недела од 9 часот, со старт од пред фонтаната „Лотус“ кај Градскиот парк. По иницијатива од Атлетската федерација на Македонија трката истовремено ќе биде и трка за државното првенство на 10 километри. Покрај натпреварот на 10 км, ќе се трча и штафетна трка од двапати по пет километри.
За трката на 10 км парични награди ќе има за петте најдобропласирани тркачи во машка и во женска конкуренција. Според зборовите на директорот на Скопскиот маратон, Кире Синадиновски, годинава повторно е соборен рекордот според бројот на пријавени натпреварувачи, кој до вчерашната средба со новинарите беше 1.900, што е за 300 повеќе од минатата година. На трката учество пријавиле тркачи од 24 земји, меѓу кои и атлетичари од Кенија.