На митингот во Белград, Ивановски ги истрча 1.500-те метри за 3:44.98 минути и си обезбеди норма за настап на ЕП во сала, кое ќе се одржи од 4 до 7 март во Торун, Полска

АТЛЕТИКА

Дарио Ивановски по вторпат за две недели го собори рекордот на Македонија на 1.500 метри. На митингот во Белград, Ивановски ги истрча 1.500-те метри за 3:44.98 минути, што беше подобро речиси за една секунда од неговото најдобро време во кариерата, 3:45,46 минути, забележано пред две недели, исто така во Белград. За ова постигнување Ивановски доби 1.088 бода, според табелата на Светската атлетика (СА), и си обезбеди норма за настап на Европското првенство (ЕП) во сала, кое ќе се одржи од 4 до 7 март во Торун, Полска, информираат од Атлетската федерација на Македонија (АФМ).
– Презадоволен сум што македонската атлетска гордост Дарио Ивановски постави нов државен рекорд во сала на 1.500 метри, што е најмоќниот резултат во атлетиката остварен во Македонија во овој век. Со ова постигнување, што значи и норма за настап на ЕП, тој ја потврди водечката позиција да биде македонски претставник на Летните олимписките игри (ЛОИ) во Токио, летово. Следниот викенд Дарио, кој е во одлична форма, повторно ќе трча во Белград и повторно ќе тргне во лов на нов рекорд и на уште подобро време – вели Игор Јакимовски, тренерот на Ивановски.
Норма за настап на ЕП има обезбедено уште еден македонски атлетичар, Јован Стојоски, во дисциплината 400 метри, со постигнатото време од 47,57 секунди, на митингот во Белград пред десетина дена.