Тој им се придружи на Фелпс, Шпиц, Бјонди и на Ото, кои се единствените пливачи со барем по пет злата од едни ЛОИ

КЕЈЛЕБ ДРЕСЕЛ, ПЛИВАЧОТ ОД САД СО ПЕТ ОЛИМПИСКИ ЗЛАТА

 

Американецот Кејлеб Дресел е една од најистакнатите sвезди на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, со петте освоени медали, „зачинети“ со по два светски и рекорда. Но тој изјави дека не ги чува медалите за да го потсетуваат на неговите подвизи.
– За мене тоа не е битно. Не чувам ништо од тие работи. Најзабавниот дел ми се натпреварите. Не ми треба парче метал за да ме потсетува на тоа, морам да уживам во трките – изјави Дресел за „Ен-би-си“.
Дресел (24) во Токио пристигна како седумкратен светски првак, но без индивидуална победа на ЛОИ, односно со две олимписки злата освоени со штафетите на САД на ЛОИ во Рио во 2016-та. Во Токио Дресел освои пет златни медали, на 50 метри и на 100 метри слободно, на 100 метри пеперутка, во штафетите 4×100 метри слободно и 4×100 метри мешано. Со тоа тој им се придружи на Мајкл Фелпс, Марк Шпиц, Мат Бјонди и на Кристин Ото, кои се единствените пливачи со барем по пет злата од едни ЛОИ. Кејлеб им се придружи на Фелпс и на Шпиц, кои беа единствените со по три злата во индивидуални дисциплини на едни Игри. Дресел сега има седум злата од две ЛОИ по што почнаа споредбите со Фелпс, во потрагата за негов наследник.
– Бидејќи САД доминираат подолго време, да се остави белег во овој спорт е нешто посебно. Не сакам да го негирам тоа што направив овде, но мене целта не ми е да надминам некого. Целта ми е да го реализирам мојот потенцијал – рече Дресел.


„Морате да бидете многу совршени во тој момент“

Се обидов да се убедам дека светските титули се исто, дека тоа е иста конкуренција, но тука е многу поинаку. Свесен сум за тоа и ќе престанам да се лажам себеси. Сосема е различно и потешко да се подготвите за нешто што се случува секои четири години. Морате да бидете многу совршени во тој момент, постои голем притисок во врска со тоа дека целиот ваш живот се сведува на моменти што траат 20 или 40 секунди. Од една страна е апсолутно застрашувачки, а од друга страна, пак, многу забавно, тоа е нешто што се сведува на многу специфичен момент во универзумот и тоа се случува само на олимписки игри, вели Кејлеб Дресел.