Рускиот велемајстор (ВМ) Јан Непомнијашчи ја забележа и третата победа (а втора во низа), со што по шест кола побегна за цел поен на врвот на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак во шах, што се игра во Екатеринбург (Русија) во 14 кола. Тој во 6-то коло како „бел“ го победи еден од фаворитите за првото место, Кинезот Динг Лирен, што е и негов трет пораз. Нивниот меѓусебен скор пред дуелот беше седум ремија и по една победа. Последната партија играна лани во Загреб, ја доби Лирен.
Цел поен освои и Холанѓанецот Аниш Гири, кој со црни фигури во 98-от потег го совлада Кирил Алексенко. Партиите помеѓу Русинот Александар Гришчук и Американецот Фабијано Каруана (54 потег), односно Кинезот Хао Ванг и Французинот Максим Вашер-Лаграв (83), завршија мирољубиво.
Табела по шест кола: Непомнијашчи (рејтинг 2.774) 4,5 поени, Вашер-Лаграв (2.767) 3,5; Каруана (2.842), Гири (2.763), Ванг (2.762) и Гришчук (2.777) со по три, Динг (2.802) и Алексенко (2.698) по два. Г.И.