МАГНУС КАРЛСЕН, СВЕТСКИ ШАХОВСКИ ПРВАК
Влијанието на 29-годишниот Карлсен врз играта е големо. Во 2010 година, Каспаров, светски шампион во шах од 1985 до 2000 година, кој некогаш беше тренер на Карлсен, изјави за магазинот „Тајм“: „Пред да заврши со играње, Карлсен значително ќе го промени шахот“, пишува меѓу другото „Си-ен-ен“ во интервјуто со актуелниот светски првак Карлсен
Магнус Карлсен (29) е познат по својата волја за победа. Во неодамнешното интервју за „Си-ен-ен“ Карлсен зборува за конкурентноста, неговиот пристап кон шахот… Величината не може да се постигне без жртвување. Додека тоа е оган што гори внатре и ја разгорува брилијантноста, потрагата по совршенство, исто така, може да измачува. Надарените може да бидат сакани и несакани. Тие можат да постигнат бесмртност, но сепак да имаат недостатоци. Но на крајот нивниот извонреден талент засенува сѐ. Како што вели Мајкл Џордан во документарецот „Последниот танц“, посветен на неговата кошаркарска кариера во НБА: „Победата има цена, и лидерството има цена“, се вели во уводот на „Си-ен-ен“ за интервјуто со Карлсен.
– Јас, секако, сум многу според таа школа. Нема оправдувања. Вие секогаш треба да бидете најдобри, друго ништо не е прифатливо – вели Карлсен.
Карлсен ги запозна тајните на шахот од својот татко Хенрик, кога Џордан го оствари својот прв хеттрик-титули во НБА во раните 90-ти години од минатиот век. Карлсен никогаш не ги гледал натпреварите на Џордан, но, сепак, собирал сликички од кошаркари од НБА. Магнус е светски шампион во шах од 2013 година. Кога имал две години, тој решавал сложувалка од 50 дела, на пет години градел прекрасни креации со лего-коцки, на 13 години го победил поранешниот светски првак Анатолиј Карпов, а ремизирал со Гари Каспаров и станал велемајстор (ВМ). Шест години подоцна тој стана најмладиот шахист во историјата што се најде на врвот на светската ранг-листа. Неговиот подем беше зачудувачки и во текот на последната деценија стана еден од најдобрите досега, со четири светски титули, и шахист со највисок рејтинг во историјата.
Влијанието на 29-годишниот Карлсен врз играта е големо. Во 2010 година, Каспаров, светски шампион во шах од 1985 до 2000 година, кој некогаш беше тренер на Карлсен, изјави за магазинот „Тајм“: „Пред да заврши со играње, Карлсен значително ќе го промени шахот“.
Норвежанецот е навикнат да патува низ светот околу 200 дена во годината, така што овие претходни неколку месеци во Осло, поради пандемијата на коронавирусот, се најдолгите што ги поминал дома уште од детството.
– Јас играм шах за да живеам – вели Карлсен, кому токму пандемијата му овозможи да ја искористи својата визија и да го направи интернет-шахот поинтересен за луѓето, во време кога другиот спорт застана.
Во почетокот на мај тој ја почна серија турнири преку интернет со високи парични награди, која ќе трае до август, за, како што вели, да обезбеди шахистите да имаат егзистенција и истовремено на љубителите на шахот нешто што со нетрпение ќе го очекуваат (првиот дел онлајн го следеле 115.000 луѓе).
По една блиц-партија, тој беше доста нервозен.
– Кога ќе згрешам во некоја партија, експлицитни зборови излегуваат од мојата уста. Тоа е реално, луѓето имаат вакви реакции, кои не можете да ги имате кога играте на шаховската табла. Мора да има простор да бидете вие. Јас сум суперкомпетитивна личност и кога ќе се згрешам на начин што не требало, тоа ме погодува и навистина нема ништо лошо да го искажам тоа. Тоа е само дел од тоа кој сум јас. Може да ви се допаѓа или да не ви се допаѓа. Автентично е, и тоа е најважната работа. Моите емоции се обично надвор од моето тело. Тоа не е она што обично се поврзува со шахист, но таков сум – вели Карлсен, кој смета дека слободата на играчот да биде експресивен го прави играњето брз шах преку интернет, мечеви што вообичаено траат околу еден час, попривлечен за многумина отколку класичниот шах, пишува „Си-ен-ен“.
За играњето интернет-шах вели дека на првитe неколку партии требало малку да се привикне, но потоа бил целосно фокусиран и немал проблеми.
– Исто така, повеќето време во аголот на екранот имав и мала слика на својот противник, така што можев да го видам и неговиот израз на лицето, за што размислува, како реагира, што го прави повистинско играњето, а луѓето тоа го ценат додека ги следат мечевите – вели Карлсен за „Си-ен-ен“.
Чувствувам дека моето ниво на игра уште е најдобро во светот
По неговата победа во светската титула во 2018 година против Фабиано Каруана, Магнус Карлсен им рече на медиумите во Лондон дека доколку загубел, веројатно немало повеќе да игра за светската титула. Да се случеше тоа, влијанието врз светот на шахот ќе беше слично на наглото повлекување на Мајкл Џордан од кошарката пред речиси три децении. Карлсен сега не размислува така.
– Многу уживам во шаховската игра. Уживам секојпат кога победувам, а мразам секогаш кога ќе загубам. Нестрплив сум да продолжам. Чувствувам дека моето ниво на игра уште е најдобро во светот. А, фактот дека сум ранлив во моите лоши денови, зборува за тоа колку добро напреднале другите шахисти. Мотивиран сум и сакам да ја играм оваа игра. Сѐ додека чувствувам дека сум во врвот со мојата игра и продолжувам да победувам, не гледам ниту една причина да се откажам од шахот – вели 16-от и актуелен светски првак Магнус Карлсен, во интервјуто за „Си-ен-ен“.