За мажите ова ќе биде 12-то учество, а за жените осмо. Двете селекции ги оствариле најдобрите пласмани на ЕП во Пловдив, во 2003 година (шахистите беа 14-ти од 36 селекции, а шахистите 19-ти од 30)

ШАХ – ПРЕД НАСТАПОТ НА ЕП 2021 ВО СЛОВЕНИЈА

Машката и женската шаховска репрезентација на Македонија, под водство на новиот селектор, дебитант на оваа функција, велемајсторот (ВМ) Трајко Недев, ќе настапат на 23. екипно Европско првенство (ЕП) во Терме Чатеж (11-22 ноември) во Словенија. За мажите ова ќе биде 12-то учество, а за жените осмо. Двете селекции ги оствариле најдобрите пласмани на ЕП во Пловдив во 2003 година (шахистите беа 12-ти од 36 селекции, а шахистите 19-ти од 30). На минатото ЕП, во Батуми, Грузија, во 2019 година, мажите, кои пред почетокот на турнирот беа рангирани 29-ти од 39 селекции, го освоија 33-то место со седум бода (15 по табли, со две победи, три ремија и четири порази). Шахистките беа 32. со три бода (10,5 по табли, со три ремија и шест порази). Боите на Македонија досега на ЕП ги бранеле вкупно 16 шахисти и 11 шахистки.
– Со оглед на тоа дека следува процес на подмладување и во двете репрезентации, пласманот е неблагодарно да се прогнозира. Очекувам добра мотивираност од најмладите наши претставници и во двете категории. Секако, секое место над стартниот број е успех. Русите и во двете конкуренции се главни фаворити за златото – вели Недев.

Во однос на минатото ЕП во 2019 година, кај шахистите ново име е младиот и надежен ФИДЕ-мајстор (ФМ) Емил Ристески, кој доаѓа на местото на селекторот Недев, а кај шахистките ја нема досега најстандардната, ЖИМ Габриела Коскоска, која настапи на сите седум ЕП, на кои играла Македонија, а во репрезентацијата се враќаат Драгана Николовска, која играше на ЕП 2017, и Сања Трајковска, која играше еднаш на ЕП, и тоа во 2001 г. во Леон, Шпанија.
– Без да навлегувам поединечно кој и зошто не е во репрезентација, само ќе нагласам дека во неа секогаш ќе има место за оние што се подготвени да играат и да работат на шахот. Сепак, кај женскиот состав сликата не е добра. Немањето никакви проекти и поддршка, доведува до тоа да не можеме да очекуваме да има развој. Некои од потенцијалните шахистки се веќе на залез од кариерата, а подмладокот е во мал број – вели Недев.
Во организација на Шаховската федерација на Македонија и на клубовите, во период од 5 до 10 октомври, беше организиран камп за подготовка на двете селекции што ќе настапат во Словенија, како и на дел од младите талентирани надежи, под раководство на Недев и на ВМ од Бугарија, Петар Арнаудов.

– Подготвителниот камп на Попова Шапка беше добар обид да им се помогне на репрезентативците да навлезат во што подобра форма и мислам дека тој ја оствари својата основна цел – вели Недев.
Недев е македонски шахист што најмногу настапувал на ЕП, на 10 од можни 11, како и на шаховските олимпијади (ШО), на 12 од можни 13, каде што играла Македонија. Носител е на бронзен медал, како прва резерва на ШО 1996 во Ерменија. На ЕП 2021 се пријавени 39 репрезентации со 193 шахистки (вкупно 129 ВМ), а кај шахистките 31 држава со 154 шахистки (12 ВМ, 23 ЖВМ). Македонија и во двете конкуренции е рангирана на 29-то место, а Русија (мажи и жени), која ќе го брани златото е рангирана на првото место. Новите шампиони ќе бидат познати по одиграни девет кола.