Се очекува тековниот „Вимблдон“ да биде најжешкиот досега во 141-годишната историја на тенискиот гранслем-турнир, со што постои можност мечевите во женска конкуренција да бидат прекинувани поради високите температури, пишува британски „Индепендент“.
Температурата од 29 степени Целзиусови на првиот ден на турнирот, беше втора највисока измерена на отворањето, откако се игра тенис на Сеанглискиот клуб. Се очекува температурата да се искачи до 32-от степен, па има шанси највисокиот просек од 25,4 степени Целзиусови, од изданието во 1976 година, да биде надминат на годинашното натпреварување.
– Публиката на „Вимблдон“ треба да се подготви за топлото сонце, особено во првата недела од турнирот, а со најавените сончеви денови можно е да биде надминат рекордниот просек од 1976 година – порача гласноговорник на турнирот.
Организаторот најави дека постои можност да има дополнителна пауза на мечевите во женска конкуренција, доколку температурите продолжат да растат. Правилата дозволуваат 10-минутна пауза за дамите помеѓу вториот и третиот сет, при температурен индекс од 30,1 степени. За да се примени правилото, доволно е една од тенисерките да побара пауза.
– Не би ми пречела пауза ниту во машка конкуренција. Денеска беше топло. А жештината вообичаено не е голем проблем на „Вимблдон“, како што е на „САД опен“ или на „Ролан Гарос“ – кажа Американецот Сем Квери, по триумфот против Австралиецот Џордан Томпсон.
Први јули 2015 година беше најтоплиот ден во историјата на „Вимблдон“ со температура од 35,7 степени, а во рамките на турнирот истата година 123 љубители на белиот спорт побараа лекарска помош.