Франција е во фокусот на вниманието на светската спортска јавност, по светската фудбалска титула, сега во полн ек е традиционалната 105-та по ред (првата се возеше до 1903 година) велосипедска трка Тур де Франс. Овој гламурозен настан и годинава покрај патеката го следат околу 15 милиони луѓе од цел свет, кои традиционално земаат годишен одмор и со своите „куќи на тркала“ крстосуваат низ Франција за да ги следат и да ги бодрат велосипедистите. Покрај ТВ-приемниците, возбудувањата низ француските долини и планини, ги следат над 3,5 милијарди луѓе.
За допингот и користењето недозволени средства на Тур, што кулминира со одземањето на седумте титули на Американецот Ленс Армстронг пред десетина години многу е пишувано и елаборирано. Помалку е познато дека многу години по ред велосипедисте на Тур консумирале алкохол пред, за време и по напорната трка. Тоа било вообичаена практика до 1960-тите. Тие пиеле алкохол не само за да ги намалат заморот и болките туку сметале дека тоа ќе им биде дополнителен стимуланс. Но како што се зголемувал опсегот на забранетите супстанции, така и алкохолот бил ставен на „црната“ листа.
Но ако е разбирливо пиењето алкохол, бидејќи се сметал за стимуланс некако чудно звучи тоа дека велосипедистите во 20-тите години од 20 век пушеле цигари за време на трката. Тие години не било невообичаено возачите да си делат и цигари меѓу себе додека возеле. Тоа го правеле затоа што верувале дека пушењето ќе им „ги отвори белите дробови“ пред големите искачувања на високите ридски етапи!
Публиката е посебна приказна, тие прават секакви работи за да бидат забележани. За безбедноста на велосипедистите, но и за нивните тимови, ТВ-екипите, туристите и за гледачите, се грижат над 13.000 жандарми. За тимовите и за сите што се инволвирани во „патувачкиот циркус“ наречен Тур де Франс се резервирани и над 1.200 хотелски соби. Некои луѓе од техничкиот персонал, пак, спијат во специјалните автобуси приспособени за таа намена.