Носењето заштитна маска ќе биде задолжително за луѓето што се движат на теренот, а за луѓето што седат на трибините ќе биде препорачливо
Најмногу четири лица ќе можат заедно да седат на главните терени со празни места помеѓу групите. На другите терени, пак, кога ќе почне главниот турнир (27 септември), едно од двете места за седење ќе биде празно. Ролан Гарос беше одложен од вообичаените датуми (мај-јуни) поради пандемијата на коронавирусот, а претседателот на Француската тениска федерација, Бернард Гудичели, смета дека се очекуваат околу 20.000 гледачи во раната фаза на двонеделниот гранслем-турнир, а околу 10.000 на денот на финалето, пишува Би-би-си.
Овие бројки, сепак, би можеле да се променат доколку Владата на Франција ги ревидира сегашните правила за физичко дистанцирање. Од постојните терени на Ролан Гарос, вообичаениот капацитет на „Филип Шатрие“ е 15.500 гледачи, така што капацитетот од 60 отсто би овозможил присуство на повеќе од 9.000 гледачи. Теренот „Сузан Ленглен“ вообичаено има 10.068, додека „Симон Матје“ до 5.000 места.
Рекордни 520.000 гледачи присуствувале на минатогодишниот Ролан Гарос.
– Се решивме за одговорна опција. Носењето заштитна маска ќе биде задолжително за луѓето што се движат на теренот, додека за луѓето што седат на трибините ќе биде препорачливо. Доколку ситуацијата се развива во вистинскиот правец, новите влезници ќе бидат достапни во септември – појаснува Гудичели.
Дванаесеткратниот победник овој турнир, Шпанецот Рафаел Надал и Австралијката Ашли Барти триумфираа на последниот Ролан Гарос минатата година. Како што е познато, САД опен ќе се игра во Њујорк без гледачи (31 август-13 септември), додека Вимблдон поради пандемијата на коронавирусот, првпат по Втората светска војна, беше откажан годинава.