На германските спортски клубови им е потребна помош од околу една милијарда евра за да ја преживеат кризата што ја предизвика пандемијата на коронавирусот, соопшти Германскиот олимписки комитет (ДОСБ) по анкетата направена со 100 свои организации-членки.
Претседателот на ДОСБ, Алфонс Хорман, зборувајќи пред Спортската комисија во германскиот парламент, истакна дека на 90.000 клуба во земјата им се потребни по околу 12.000 евра за да ја преживеат кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Во исто време, на спортските федерации под капата на државата им се потребни околу 235 милиони евра дополнителна помош за покривање на дефицитот, поради откажаните натпревари и настани.
На помош од државата сметаат и 255 клуба од првата и од втората лига во ракомет, кошарка, хокеј и одбојка – додаде Френк Штефел од Спортската комисија на германскиот парламент.
– Ако државата не ги поддржува професионалните спортови и лиги, сите овие натпреварувања повеќе нема да постојат во формите што ги знаеме – смета Штефел, истакнувајќи дека многу клубови би можеле да пропаднат или да прогласат банкрот.