Управниот директор на Формула 1, Рос Браун, изјави за „Скај спорт“ дека спортот е во завршна фаза на договарање намален буџетски лимит од 145 милиони долари за 2021 година. Ф1 веќе требаше да воведе лимит на трошење од 175 милиони долари, без платите на возачите и други избрани ставки, од следната година, во обид да ја подобри конкурентноста на спортот. Но Браун вели дека економските последици од пандемијата на коронавирусот ја забрзале потребата за натамошно намалување на парите што ги трошат сите тимови, пишува „Скај спорт“.
– Средбата беше помеѓу ФИА и Формула 1. Тимовите ќе го знаат деталите во наредните неколку дена. Имаше многу консултации и мислам дека сега сме во завршна фаза. Сето тоа ќе стане јасно наскоро. Првичните цели на буџетското ограничување беа поконкурентни тимови и мислам дека со ситуацијата што ја имаме сега, приоритет е економската одржливост на Формула 1. Мислам дека тоа важи колку за големите екипи толку и за малите тимови. Почнавме со 175 милиони долари, тоа беше долга битка да стигнеме дотаму, но поради сегашната криза, сега ќе почнеме со 145, а дискусијата навистина е колку понатаму можеме да намалуваме во следните неколку години – рече Браун за „Скај спорт“.