Рафаел Надал се повлече од своите мечеви на Лејвер купот во Швајцарија поради повреда на зглобот, потврдија од турнирот.
– По консултациите со докторот на натпреварувањето, Рафаел Надал се повлече од денешните мечеви поради повреда на зглобот – се вели во соопштението на Лејвер купот.
Надал, кој ја освои четвртата титула од САД опен овој месец, требаше да игра во поединечна конкуренција против Ник Кирјос и заедно со Роже Федерер во двојки. Наместо него, Стефанос Циципас ќе игра заедно со Федерер, додека Доминик Тим ќе го замени во дуелот против Кирјос.
Ова е лоша вест за Европа, чиј тим вчера загуби два меча, но сепак води со 7-5 против Остатокот од светот.
– Фантастично е да се игра на Лејвер купот и разочаран сум што нема да можам да играм денеска. Но, имам воспаление на зглобот и морам да се одморам. Атмосферата во Женева е фантастична и ќе бидам тука за сите мои соиграчи – вели Надал.