Светскиот рекет број еден и освојувач на 17 Гренд слем титули, Рафаел Надал се откажа во последната минута од учеството на „Мастерс“ турнирот во Париз.
Шпанецот во последен момент одлучи да не игра во натпреварот од вториот круг со својот сонародник Фернандо Верадско. Тоа значи дека вo понеделник, Србинот Новак Ѓоковиќ ќе се врати на првото место на светската ранг-листа.
Триесет и едно-годишниот Ѓоковиќ во моментов е втор во ранглистата на ATП, но од почетокот на новата недела ќе го смени Надал од првото место, а неговото враќање на врвот ќе биде историско достигнување. Претходно во сезоната носителот на 14 гренд слем титули беше едвај 22. во светот. Никој во историјата досега не успеал да стигне до број еден откако бил толку назад во ранглистата во рамките на истата сезона.
Надал, кој очигледно уште не е во потребната здравствена состојба, ќе има 7.490 поени при обновувањето на ранглистата во понеделникот, а Ѓоковиќ ќе има минимум 7.535, колку што има во моментов. Ако победи на турнирот, Србинот ќе собере речиси 1.000 поени повеќе од Шпанецот и ќе има 8.445.
На почетокот на сезоната Ѓоковиќ имаше разочарувачки рани испаѓања, поради проблеми во формата, по проблемите со лактот, но во втората половина на годината е незапирлив. Од јули наваму Ѓоковиќ го освои „Вимблдон“ и Ју Ес Опен, а освен тоа триумфираше и на „Мастерс“ турнирите во Синсинати и Шангај.