Хокеарскиот тим Голден најтс веќе дебитира во НХЛ-лигата, играше пред преполна сала и дури стигна до финалето на натпреварувањето сезонава. Женскиот кошаркарски тим Асови игра во лигата ВНБА. Идната година ќе има и тим во НФЛ-лигата во американски фудбал (со преселбата на Оукленд рајдерс). По сѐ, дали е можно наскоро Лас Вегас да добие и кошаркарски тим од НБА-лигата? Весник од тој град направи анкета меѓу голем број врвни кошаркари (НБА организира летно шоу секоја година во Лас Вегас) и идејата добила поддршка, објавија американски медиуми.
Според информациите, едната од најголемите пречки беше решена пред неколку години со изградба на соодветна сала во градот, па би останало составување тим. Но, НБА засега нема планови за проширување (за ваква одлука потребно е двотретинско мнозинство од сопствениците на актуелните клубови), па друг начин е некој од сегашните клубови да ја смени адресата и да замине во Лас Вегас. Но, и една таква одлука би била поврзана со НБА и со клубовите.
Сепак, под претпоставка некој бизнисмен од Лас Вегас да сака да направи ваква преселба, ќе има конкуренција во колеги и други заинтересирани, кои, на пример, сакаат НБА-кошарката да се врати во Сиетл, плус во игра можеби би биле и други градови како Канзас, Луисвил, па и идејата за ширење на лигата во соседството, со клуб во Мексико Сити. Така, сето тоа би станало своевидна аукција, но, сепак, идејата за НБА-клуб во Лас Вегас можеби по неколку години ќе се оствари.