Мик Шумахер, синот на седумкратниот Формула 1 шампион Михаел Шумахер, пред 1.000-та ГП трка за Ферари на ГП на Тоскана во Муџело, имаше чест да го вози шампионскиот болид на неговиот татко од 2004 година.
Михаел ја освои седмата и последна Ф1 титула со овој болид – Ф2004, кој многумина го сметаат за најдобриот во историјата на италијанскиот тим – со кој се остварија 15 победи во 18 трки и 12 од првите 13.
– Секогаш беше сон да се вози овој болид. Имав шанса да го пробам во Хокенхајм минатата година, но сега во Муџело без дожд… Вистинска чест, благодарност до Ферари за шансата – вели Мик.
Мик Шумахер е лидер во Формула 2 шампионатот на три трки пред крајот со осум поени пред уште еден јуниор на Ферари, Калам Илот. Постојат шпекулации дека тој во 2021 ќе влезе во Формула 1 преку тимот на Алфа Ромео.