Освојувачот на 15 тениски гранслем-турнири Новак Ѓоковиќ откри дека бил многу близу до откажување од тенисот, откако тој се соочи со сериозна повреда во 2017 година.
Ѓоковиќ (31) ја доби престижната награда „Лауреус“-најдобар спортист на планетата пред освојувачот на Светското фудбалско првенство, францускиот фудбалер Килијан Мбапе (20), ѕвездата на Формула 1 Луис Хамилтон (34), маратонецот Елиуд Кипчонге (34), хрватскиот фудбалер Лука Модриќ (33) и најголемата ѕвезда во НБА-лигата Леброн Џејмс(34).
Се чини дека враќањето од повредата која му создаде сериозни проблеми на Ѓоковиќ во 2017 и освојувањето на два гренслем турнири е главната причина поради која тој ја добива оваа награда. Во периодот од 2011 до 2016 година, Србинот победи на 11 од 24 гренслем турнири, вклучувајќи го и периодот кога тој беше носител на сите 4 турнири од Вимблдон во 2015 до францускиот гренслем Ролан Гарос во 2016.
Но, тешкиот почеток на 2017 година остави силни последици врз Ѓоковиќ, кој набрзо потоа се раздели со неговиот долгогодишен тренер и го пропушти гренслем-турнирот во САД поради повреда на лакотот. Поради оваа повреда, тој го пропушти и крајот на сезоната во 2017 и на српската суперѕвезда ѝ требаше подолг период да се врати во врвна форма по операцијата.
На церемонијата на која Новак Ѓоковиќ ја прими наградата „најдобар спортист на годината“, тој призна дека неговата сопруга Јелена многу му помогнала во најтешките моменти.
– Сакам малку да зборувам за моето патување оваа година, но пред сè сакам да ѝ се заблагодарам на мојата сопруга за сè што прави за мене. Денес имаме ретка прилика во јавноста да се претставиме во различно светло, а ти тоа го направи фантастично – многу подобро отколку јас. Твојата поддршка ми е неверојатно значајна, особено во моментите кога дури и размислував за тоа да го напуштам тенисот. Точно е, ја разгледував и можноста да се откажам од тенисот и да се посветам на сè друго. Немав рамнотежа во животот во тој момент и мислев дека се изневерив самиот себеси кога ја имав операцијата. Ми требаа неколку месеци да го најдам својот пат – рече Ѓоковиќ.
По враќањето во топ форма, Србинот кој може да се вброи во еден од најдобрите кои го играле „белиот“ спорт, победи на Вимблдон, УС-опен и ја освои својата седма титула против Рафаел Надал на Австралија-опен оваа година.
Светскиот број-1 рекет исто така кажа дека морал да победи и во повеќе ментални битки за да се врати во врвот на тенисот.
– Морав да направам „внатрешна изградба“, како што би рекол јас. Бев многу нестрплив да се вратам на тениските терени по операцијата и бев на раб да го оставам рекетот засекогаш. Сега сум овде пред вас и делува како бајка. Научив едно – во моменти на криза треба да гледате внатре кон себе, бидејќи тука лежи моќта. Тоа сум го слушнал многу пати, но сега знам вистински што значи. Благодарение до сите за оваа прекрасна вечер – заклучи во голем стил 15-кратниот освојувач на гренслем турнирите.
— Novak Djokovic (@DjokerNole) February 18, 2019
Престижната „Лауреус“ награда се доделува на индивидуални спортисти и за тимови во спортот. Американската гимнастичарка Симон Биелс (21) ја освои наградата „спортистка“ на годината по големите успеси минатата година, а тенисот имаше одлична вечер откако јапонката Наоми Осака, која како и Ѓоковиќ го освои Австралискиот гренслем турнир, стана првата јапонка која ја освоила „Лауреус“ наградата, како спортистка со најголем напредок минатата година.
Други освојувачи на ова престижно признание беа американскиот голфер Тајгер Вудс за најдобар „повраток“ на светската голф-сцена, а францускиот фудбалер Мбапе иако не ја доби индивидуалната награда, заедно со своите соиграчи од француската репрезентација се закити со наградата „Лауреус – тим на годината“. Награда за животно дело доби легендарниот поранешен тренер на Арсенал, Арсен Венегер, поради големи придонеси за фудбалската игра за време на неговото работење.