Данил Медведев го спречи најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ да стигне до рекордниот 21-ви гранслем-трофеј, совладувајќи го убедливо во финалето на САД опен со 6-4, 6-4 и 6-4 по сетови. Ова е прв освоен гранслем-трофеј за Русинот во неговото трето финале.
Медведев вечерва успеа да ја прекине низата на Ѓоковиќ од 27 победи едноподруго на гранслем-турнирите. Српскиот тенисер сезонава ги освои Австралија опен, Ролан Гарос и Вимблдон, пред да биде сопрен на чекор од трофејот во Њујорк.
Финалниот дуел на арената „Артур Еш“ побуди голем интерес, со што го следеа бројни славни личности, меѓу кои и актерите Бред Пит, Леонардо ди Каприо, Бредли Купер, Рами Малек, режисерот Спајк Ли, кошаркарската НБА-ѕвезда Дерик Роуз, прославената тенисерка Марија Шарапова, поранешниот српски кошаркар Владе Дивац…
Ѓоковиќ останува со 20 трофеи од најголемите турнири, колку што имаат и неговите најголеми ривали Роже Федерер и Рафаел Надал.