Манифестот е рачно напишан документ на 14 страници од говорот што Де Кубертен го одржал на универзитетот „Сорбона“, две години пред формирањето на ИОК и четири години пред првите ЛОИ во 1896 година
Документот што го означи почетокот на современите олимписки игри (ОИ) на аукцијата во Њујорк, во наддавањето што траело само 12 минути, е продаден за неверојатни 8,8 милиони долари. Првичните очекувања биле дека тоа делче од спортската историја ќе достигне сума до еден милион долари, но оригиналниот манифест се продаде за многу поголема сума. Аукциската куќа „Сотби“ не го објави името на понудувачот или на купецот.
Документот (манифест) беше напишан од основачот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Французинот Пјер де Кубертен, во 1892 година, и го опишува образложението за воскреснување на античката практика за олимписки натпреварувања. Манифестот е рачно напишан документ на 14 страници од говорот што Де Кубертен го одржал на универзитетот „Сорбона“ во Париз, две години пред формирањето на ИОК и четири години пред одржувањето на првите современи Олимписки игри што се одржаа во Атина во 1896 година. За Де Кубертен, Игрите беа замислени како авенија за промовирање мирно натпреварување меѓу народите.
– Дозволете ни да извезуваме веслачи, тркачи и мечувалци, тоа е слободната трговија на иднината, и на денот кога ќе се воведе во секојдневието на стара Европа, причината за мирот ќе добие нова и моќна поддршка – се вели во манифестот.
Цената што ја достигна манифестот на Де Кубертен на аукцијата е повеќе од двапати поголема од кошаркарските правила на Џејмс Најсмит, кои во 2010 година биле продадени за четири милиони долари.