Шаховскиот интернет-бум донесе нови предизвици и иако бројот на сомнителни случаи е мошне мал, ФИДЕ мора да дејствува енергично за да создаде сигурна средина во натпреварувањата, вели, меѓу другото, Дворкович на официјалната веб-страницата на ФИДЕ
АРКАДИ ДВОРКОВИЧ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СВЕТСКАТА ШАХОВСКА ФЕДЕРАЦИЈА
Веќе презедовме силни чекори за подобрување на нашата ефикасност во борбата против мамењето со помош на компјутер, вклучувајќи и зајакнување на аналитичките алатки, како што се користење детектори и скенери на сите официјални настани на ФИДЕ, обука на судии, пронаоѓање правна основа и постоење посветен тим што работи на овие прашања, вели претседателот на ФИДЕ, Русинот, Аркади Дворкович.
Тој верува дека ќе го добие потребниот консензус по ова прашање.
– Шаховскиот интернет-бум донесе нови предизвици и иако бројот на сомнителни случаи е мошне мал, ФИДЕ мора да дејствува енергично за да создаде сигурна средина во натпреварувањата. Заедно работиме со водечките онлајн мрежни шаховски платформи, ги приспособивме алгоритмите што се користат за играње преку интернет. ФИДЕ ќе биде подготвена за следните правни предизвици. Сепак, чувствувам дека ни треба широк консензус за применетите мерки – појаснува Дворкович.
Тој смета дека ФИДЕ мора да биде строг, но и одговорен по ова прашање и пред да ја одобри општата политика, сака да го слушне мислењето на јавноста, оти, сепак, треба да се има фер и транспарентен систем, а најлошо е да му забрани да игра на невин шахист.
– Угледот на шахот и глобално шаховско семејство може да претрпи огромна штета ако цунамито скандали и судски процедури го засенат возбудливото опкружување на меѓународните шаховски натпревари. Тоа ќе биде долга битка, но сигурен сум дека на крајот ќе успееме – оптимист е Дворкович во своето обраќање до шаховската јавност преку официјалната веб-страницата на ФИДЕ.
Дел од прашања за кои ФИДЕ сака да го чуе јавното мислење се следниве:
„Дали верувате дека статистичкиот алгоритам (или нивната комбинација), што дава близу 100 отсто веројатност за мамење, може да претставува доволна основа за забрана на играчот да игра? Дали ФИДЕ треба да примени санкции за наводни прекршувања на правилата за интернет-шах надвор од шаховската табла и обратно?
Дали треба се објават имињата на наводните „насилници“ уште по првиот прекршок? Дали прекршителите треба да бидат казнети ретроактивно, со тоа што нивните парични награди, рејтинзи и титули ќе бидат одземени одреден период пред пресудата? Кој е разумен период на забрана за настап на сторителите што го направиле тоа првпат и за оние што го повториле тоа? Колку строги треба да бидат мерките во младинските натпреварувања? итн.“ Предлозите на поставените прашања можат да се достават и преку е-пошта: [email protected].