Тој го освои 21-то место, погодувајќи 573 круга

СТРЕЛАШТВО – ЛОИ 2020

За тројца македонски спортисти завршија натпреварите на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио. Џудистката Арбреша Реџепи (категорија до 52 кг) загуби од претставничката на Велика Британија, Челси Џајлс, информираат од Македонскиот олимписки комитет (МОК). На првиот ден на Игрите, Борјан Бранковски во стрелаштво, во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри, го освои 21-то место, погодувајќи 573 круга (по серии 94, 93, 98, 95, 96, 97), што е национален рекорд во оваа дисциплина.
На Бранковски му недостигаа пет круга за пласман во финалето и борба за олимписките медали. Пливачот Филип Дерковски настапи на 400 метри слободно и забележа време од 4:03,34 минути, што е негов личен рекорд и најдобар резултат на македонските пливачи според табелата на Светската пливачка асоцијација (ФИНА).
Од македонските олимпијци, утре ќе настапи Дејан Георгиевски (таекводно, категорија над 80 кг), Миа Блажевска-Еминова (пливање, 400 метри слободно) в среда, Јован Стојоски (атлетика, 400 метри) на 1 август, настапот на Пулексенија Јованоска (карате, кати) е на 5 август, а на Магомедгаџи Нуров (борење, слободен стил, до 97 кг) е на 6 август.