ОДБОЈКА
Најдобрите македонски одбојкари денеска патуваат за Белград каде што ќе одиграат два контролни натпревари со актуелниот европски шампион Србија, во рамките на подготовките за настапот на завршниот турнир на Европското првенство (ЕП) што почнува на 1 септември. По дуелите против Србија, ќе следува традиционалниот меморијален турнир „Бранко Хаџи Иљоски-Чајка“ во Скопје (19 до 21 август), на кој покрај Македонија ќе настапат Црна Гора, Израел и Словачка. Како опција останува меч или два со реномиран противник пред заминувањето за Тампере, во групата Ц, во која прв противник на Македонија, на 1 септември, ќе ѝ биде домаќинот Финска, како и на минатото ЕП 2019 во Љубљана. Во групата се уште Русија, Турција, Холандија и Шпанија. Четирите првопласирани ќе се квалификуваат во следната нокаут-фаза.
Првиот дел од подготовките Македонија ги одработи во Маврово каде што се тренираше речиси еден месец, на подобрување на општофизичката подготвеност, но и на техничко-тактички финеси.
– Задоволен сум од сработеното во Маврово. Трениравме секојдневно, по двапати, одбојкарите го имаа вистинскиот пристап, сите се мотивирани да дојдеме до ниво што ќе ни овозможи поголема самодоверба, но и реална надеж дека можеме да ги оствариме нашите амбиции. Дали сме успеале ќе покажат натпреварите на ЕП. Дотогаш ќе имаме време да ја унапредуваме нашата игра на претстојните пријателски натпревари. Оптимист сум дека сѐ ќе биде како што треба – вели селекторот Душко Николиќ, кому во работата му помагаат Арсение Протиќ и кондицискиот тренер Горан Пањковиќ.