Селекторот на машката репрезентација Кутиров го дефинира машкиот дел од селекцијата (Георгиев, Панчевски, Лазов, Николовски, Стојановски и Ристески), а селекторот на женската репрезентација Богдановски ќе го стори тоа наскоро. Онлајн Шаховската олимпијада ќе се игра од 22 јули до 30 август

Селекторот на машката шаховска репрезентација Роландо Кутиров го соопшти составот на машкиот дел од селекцијата што ќе учествува на првата Шаховска олимпијада (ШО) преку интернет (од 22 јули до 30 август годинава, ќе се играат партии со брзо темпо), организирана од Светската шаховска федерација (ФИДЕ). На последниот состанок, управниот одбор (УО) на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) одлучи да се учествува на оваа интернет-олимпијада, на која секоја репрезентација ќе се состои од шест натпреварувачи во мешан состав (по три машки и женски), и најмногу шест резерви и капитен, со тоа што по еден шахист и шахистка мора да бидат родени во 2000 година или помлади.

Кутиров се одлучи за најсилните шахисти: прва табла ВМ Кирил Георгиев, втора ИМ Филип Панчевски, а од шахистите до 20 години ќе игра ИМ Тони Лазов. Резерви се ИМ Никола Николовски, ИМ Дејан Стојановски и Емил Ристески.
– Очекувам добра игра и, секако, да се претставиме во светло издание. А голем успех би било да влеземе во завршната фаза меѓу најдобрите 40 репрезентации, што мислам дека ќе биде тешко, но со малку среќа и изводливо – вели селекторот.
Селекторот на женската репрезентација Влатко Богдановски уште не го дефинирал конечниот список иако основата на составот веќе ја има предвид. Последниот ден за пријавување е понеделник.
– Секако дека најдобрите треба да играат, тука мислам на ЖФМ Моника Стојковска, Бојана Бејатовиќ, Ивана Манова и други шахистки, но, сепак, треба да се разговара со нив, пред да одлучам. ШО е, сепак, долго натпреварување – вели Богдановски.
Поради актуелната ситуација со ковид-19, УО на ШФМ донесе одлуки за одложување на домашните првенства.

– Младинските првенства на Македонија по категории, потоа Втората и Првата шаховска лига се одложени до 20 јули, односно кога УО повторно ќе се состане и, во зависност од актуелната ситуација и новите препораки од Здравствената комисија и Владата, ќе донесе нова одлука, односно дали ќе се играат и каде или ќе има ново одложување. За Затвореното првенство на Македонија, како и полуфиналето на Отвореното првенство на Македонија, ќе решаваме понатаму – вели членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски. 


Стојчевски прв со титула ФИДЕ-меѓународен организатор на шаховски настани

Светската шаховска федерација (ФИДЕ) неодамна на ФМ Зоран Стојчевски му ја додели титулата ФИДЕ-меѓународен организатор на шаховски настани, што е наедно и прва ваква титула доделена на некој македонски шахист воопшто. Стојчевски, кој е познат по организирање мноштво шаховски настани во практичен и проблемски шах кај нас, титулата ја стекна откако посетуваше и полагаше семинар во Црна Гора, за време на Европскиот клупски куп во 2019 година. Носителот на оваа титула значи дека мора да се грижи за организацијата на некој турнир од самото доаѓање, па до заминување на шахистите (сместувањето во хотелите, условите во салата за играње, квалитетот на шаховски табли и часовници и друго).