Јанчо Ѓорѓевски

Светско првенство (СП) во шах на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за лица со телесен инвалидитет, четврто по ред, поради ковид-19, ќе се одржи од денеска до 14 ноември преку интернет, во организација на „Шаховскиот фестивал Дресднер“, а под покровителство на ФИДЕ. Ова е поединечен турнир од девет кола, но ќе има и дополнителен екипен пласман.

На СП се пријавени 254 шахисти (еден велемајстор, тројца интернационални мајстори, 13 ФИДЕ-мајстори) од 46 држави, а најмногу претставници има од Индија (24), Русија (17), Монголија (15) и од Турција (15). Темпото на играње е 45 минути, плус 30 секунди за секој одигран потег по играч.

Боите на Македонија ќе ги бранат Тоде Зафировски (2.138 рејтинг-поени, рангиран 19-ти пред турнирот), Жарко Селковски (2.008, рангиран 43-ти), Зоран Костадиновски (1.926, рангиран 56-ти) и Јанчо Ѓорѓевски (1.907, рангиран 61-ви). Прворангиран на турнирот е полскиот велемајстор Марчин Тажбир (2.508).

Г.И.