На ШО за слепи и лица со оштетен вид во Грција
Македонија на годинашнава Шаховска олимпијада (ШО), за слепи и лица со оштетен вид, која треба да се одржи на Родос, Грција (16-27 октомври), очигледно ќе биде ослабена, оти селекторот Трајко Недев, барем засега нема да може да смета на еден од најдобрите македонски шахисти во оваа категорија, кочанчанецот Владимир Тркаљанов. Причина е неговото исклучување од Здружението на слепи лица од Кочани, поради што и не настапи на неодамнешното Првенство на Македонија за слепи и визуелно хендикепирани лица. Списокот на репрезентацијата за ШО треба да биде доставен до 15 август.
– Исклучен сум од Здружението на слепи лица од Кочани без причина и без соодветна постапка. Едноставно дисциплинската комисија на здружението така одлучила, а при тоа ниту бев повикан да присуствувам. Во одлуката пишува дека сум исклучен според член 23 од Статутот на Здружението, поради нанесување штета на угледот на Здружението. А, јас немам нанесено никаква штета, напротив сум допринел во подигањето на рејтингот на Здружението, со тоа што сум избран за спортист на Македонија во категоријата со инвалидитет за 2020, поради наградата која ја добив од Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за најубава партија на ШО (одржана преку интернет) за лица со попреченост во 2020 година, и на која освоив шест поени од седум партии – вели Тркаљанов.
Тркаљанов вели дека со оваа одлука е запознаен и директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојовски.
– Поднесов жалба до Здружението во Кочани на оваа одлука, но никој не ми одговори. Едноставно без никаква постапка сум исклучен. Пред мене е поставена една бариера која не можам лесно да ја премостам, а и сето ова правно не е одржливо. Тоа е исто како да те осудат на суд, а не ти даваат можност да се браниш, ниту пак, да ја дознаеш причината за казната. А за да ме исклучат потребно е да гласаат за одлуката двотретинско мнозинство од Здружението, односно 80 луѓе, што е речиси многу тешко и да се соберат толку членови, но тие тоа го направиле со само неколкумина од УО на чело со новиот претседател. По ова прашање разговарав и со директорот на АМС, Наумче Мојсовски, кој беше изненаден од ваквата одлука и рече дека ќе разговара со Националниот сојуз на слепи и слабовидни шахисти по ова прашање, кој засега пак, исто така е не ми ја објаснува причината зошто сум исклучен од Здружението – разочарано коментира Тркаљанов.
Неговиот настап во репрезентацијата, секако ќе биде од големо значење, за што говорат и резултатите кои ги има досега остварено во својата богата шаховска кариера.
– Очигледно некому не му одговара да бидам во репрезентацијата на Македонија на ШО во Грција. А досега сум играл на шест ШО, во 2000, 2004, 2008, 2012, 2017 и 2020. Сум настапил и на три поединечни Светски првенства (Истанбул 2001, петто место, Мондарис 2003, седмо и Белград 2009, девето место). За пласманот во Истанбул, АМС ме прогласи во категорија врвен спортист, за што добивав две години финансиски средства во износ од две просечни плати во Македонија. Врз база на овој резултат бев повикан да играм на еден од најпознатите турнири во светот, во Линарес (Шпанија), каде во конкуренција на 12 шахисти го освоив седмотио место, а врз база на овој резултат пак, нашиот Национален сојуз на слепи и слабовидни шахисти доби финансиска помош од ФИДЕ во износ од 10.000 евра, кои беа искористени за организирање на меѓународен турнир во Охрид. Сум играл и на Европското првенство во Охрид 2001 со нормални шахисти, како и на шампионати на поранешна СФРЈ исто така со нормнални шахисти. Во 2001 година бев избран за спортист на Кочани во сите категории, а повеќе од 20 години бев претседател на ШК Кочани. И сега наеднаш не можам да настапам ни за мојот клуб ни за репрезентацијата. Очигледно во прашање е многу перфидна игра – револтирано вели Тркаљанов.
Во секој случај колку побрзо се реши овој проблем толку подобро, оти од сето ова единствен губитник е македонскиот шах, а времето до почетокот на ШО полека истекува. Г.И.
Жалбата беше разгледана, но не и усвоена
Таква одлука е донесена од Дисциплинската комисија, а ја потврди Извршниот одбор на Здружението на слепи лица од Кочани. Јас како секретар на Здружението на слепи лица на Кочани, само изготвив записник. Поднесената жалба од Тркаљанов беше разгледана и не беше усвоена. Лично не знам за што се работи, моја задача е тоа што е решено да го спроведам. Инаку на ниво на Кочани, Здружението треба да пријави до селекторот три шахисти, а истото треба да го сторат и останатите 17 Здруженија во Македонија, а потоа селекторот врз база на поднесените списоци, ќе го одреди репрезентативниот состав – ни изјави секретарот на Здружението на слепи лица од Кочани, Петар Александров.