Македонската репрезентација ќе игра во Тампере во групата Ц со Финска, Русија и со Турција, со кои се сретна и на дебитантското ЕП 2019, а во групата се и Холандија и Шпанија. Првите четири селекции од секоја од четирите групи ќе се пласираат во осминафиналето на ЕП 2021
ОДБОЈКА
Финска, Русија, Холандија, Турција и Шпанија се селекциите против кои ќе игра Македонија во групата Ц, во Тампере (Финска), на 32-то Европско првенство (ЕП) за одбојкари, годинава (1-19 септември), реши ждрепката што беше влечена во финскиот град Хелсинки. Како и во 2019 година и ова ЕП ќе се одржи во четири држави, на него ќе настапат 24 репрезентации, а првите четири репрезентации од секоја од четирите групи ќе се пласираат во осминафиналето.
Од дебитантскиот настап на континенталното првенство пред две години во Љубљана (Словенија), македонските одбојкари предводени од селекторот Никола Матијашевиќ, повторно ќе ги одмерат силите со селекциите на Финска, Русија и на Турција.
Од ривалите на претстојното ЕП, против Турција во јануарските квалификации Македонија оствари биланс 1-1 во победи, против Финска пред две години загуби во почетокот на ЕП, а и против Русија (има две европски злата, и по три сребра и бронзи, едно сребро од СП, како и едно злато, сребро и две бронзи од ЛОИ). Црвено-жолтите ја совладаа Холандија (има едно европско злато и по две сребра и бронзи, како и едно сребро од СП и злато и сребро од ЛОИ), во квалификациите пред 12 години во Скопје, а од Шпанија (има едно европско злато), доживеа два пораза во 1995-та, во своето прво учество во квалификациите за ЕП.
Актуелен европски првак е Србија, која на минатото ЕП во 2019 година ја победи Словенија со 3-1, бронзата ја освои Полска, која славеше со 3-1 над Франција, а Полска е и актуелен светски првак. Покрај коорганизаторите Полска, Чешка, Естонија и Финска, на ЕП се пласираа и најуспешните осум репрезентации од минатото ЕП, како и 12 селекции, кои обезбедија пласман преку квалификации.
Од вчера македонските репрезентативци го играат вториот турнир од европската Сребрена лига во данскиот град Шлагелсе, и тоа синоќа против домаќинот, денеска со Израел и утре со Кипар. Финалниот турнир е во Струмица идниот викенд, на кој ќе играат Македонија и уште три најдобри селекции од двете групи. Во групата Б по првиот турнир води Унгарија со осум бода, пред Хрватска и Австрија со по пет и Луксембург без бодови.
СОСТАВ НА ГРУПИТЕ ЗА ЕП 2021
ГРУПА А: Полска, Белгија, Србија, Украина, Грција, Португалија
ГРУПА Б: Чешка, Италија, Словенија, Бугарија, Белорусија, Црна Гора
ГРУПА Ц: Финска, Русија, Холандија, Турција, Шпанија, Македонија
ГРУПА Д: Естонија, Летонија, Франција, Германија, Словачка, Хрватска