Враќањето на Дејан Георгиевски и на неговите тренери од Токио во Скопје се очекува денеска во попладневните часови, а во вечерните часови, околу 19.30 часот, пред портата „Македонија“ ќе се одржат пригодната свеченост и поздравувањето на олимпискиот вицешампион

ПО ОСВОЕНОТО СРЕБРО НА ЛЕТНИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ТОКИО

Дејан Георгиевски е новиот македонски спортски херој, кој ја израдува нацијата со освојувањето на сребрениот медал во таеквондо на Летните олимписки игри (ЛОИ) 2020 во Токио (Јапонија), прв за Македонија по Игрите во Сиднеј (Австралија) во 2000 година, кога со бронзен медал се закити борачот во слободен стил, Могамед Ибрагимов.
Враќањето на Георгиевски и на неговите тренери од Токио во Скопје се очекува денеска во попладневните часови, околу 14.30 часот на аеродромот во Скопје.
Оттаму Георгиевски со придружбата треба да замине во Агенцијата за млади и за спорт (АМС), а потоа, во вечерните часови, околу 19.30 часот, пред портата „Македонија“ ќе се одржат пригодната свеченост и поздравувањето на олимпискиот вицешампион.
Георгиевски сосема заслужено се искачи на победничкиот трон на Летните олимписки игри во Токио, победувајќи притоа редица квалитетни противници, а бронзените медали на ЛОИ 2020 ги освоија двократниот светски првак Алба Кастилјо од Куба и Кјо Дон Ин од Јужна Кореја (бронза од СП 2017…), ривалите што Георгиевски ги победи во осминафиналето и во полуфиналето.
– Пресреќен сум, прекрасно е чувството. Првата борба ми беше некако најтешка во секој поглед, против двоен светски првак, но победив и тука го „скршив мразот“. И другите борби беа тешки, голема почит за сите противници, но верував во себе и во моите квалитети. Пред Летните олимписки игри најавив дека не одам во Токио само за да се натпреварувам, туку и да освојам медал. Тоа се оствари, на моја голема радост, но и на цела Македонија – рече Георгиевски.

Георгиевски е 11-от спортист од Македонија што освојува медал на летни олимписки игри. Македонија сега има вкупно 14 медали од летни олимписки игри, освоени во пет спорта (борење слободен стил, бокс, фудбал, кошарка и таеквондо).
Покрај честитките до Георгиевски, Владата на Македонија на вчерашната седница донесе одлука да го награди парично, со 1.200.000 денари, а неговиот тренер, Дарко Костовски со 600.000 денари. Агенцијата за млади и спорт (АМС) ќе му додели на освојувачот на сребрениот медал дополнителни 600.000 денари.
По ова, тренерите на Георгиевски, браќата Борче и Дарко Костовски, од Токио порачаа: „Јас и мојот брат, д-р Борче Костовски, како тренери на олимпискиот сребрен медалист, Дејан Георгиевски, се откажуваме од премијата што ни е доделена, секако таа целосно треба да биде насочена кон олимпискиот вицешампион, новата македонска гордост. За нас како тренери во овие моменти доволен е олимпискиот, историски сребрен медал (со златен отсјај). За Македонија!“, стои во објавата на Дарко Костовски на Фејсбук.


Георгиевски: Благодарност до сите за поддршката и за енергијата што ми ја дадовте мене и на мојот тим

Голем поздрав до сите луѓе во Македонија, благодарност до сите за поддршката и за енергијата што ми ја дадовте мене и на мојот тим. Од Токио се враќам со сребрен олимписки медал, со златен сјај. Поради тоа ве повикувам вечерва да се собереме во што поголем број на плоштадот, пред триумфалната капија, заеднички да го прославиме овој голем успех. Со цело срце за Македонија, изјави таеквондистот Дејан Георгиевски, олимпискиот вицешампион, во видеопораката до македонската јавност.