Турнирот ќе се игра во Струмица викендов

ОДБОЈКА – ПОЗНАТИ УЧЕСНИЦИТЕ НА ФАЈНАЛФОРОТ ВО СРЕБРЕНАТА ЛИГА

Македонија, Данска од групата А и Унгарија и Хрватска од групата Б веќе обезбедија пласман на фајналфор-турнирот во одбојкарската Сребрена лига, без оглед на третиот и последен натпревар во нивните групи, кои се играа вчера.
Во групата А, Македонија, која како домаќин веќе има директен пласман на завршниот турнир, кој ќе се игра во Струмица викендов, пред третиот и последен дуел на вториот турнир во Шлагелсе, ѝ се реваншира на Данска за поразот во Струмица, со истоветни 3-0 во сетови, а со 3-1 го совлада и Израел. Данска, пак, го совлада Кипар со 3-0 и требаше вчера да игра со Израел. Вчера Македонија играше со Кипар, кој во Струмица беше победен со 3-0. На табелата води Македонија со 12 бода, пред Данска со 11, Кипар има четири, а Израел три бода.
Во групата Б, пред вчерашниот трет ден, на табелата прва беше Унгарија со 14 бода, пред Хрватска со 12 бода, трета беше Австрија со 10, а четврти Луксембург со еден бод.
Репрезентацијата на Македонија е фаворит за триумф во Сребрената лига, во која трипати беше втора (во 2015, 2016 и во 2017 година) и еднаш трета (2014-та). Првото место ќе значи и можност за настап во Златната лига во 2022 година.