ОДБОЈКА

Македонија забележа победа над Црна Гора и пораз од Словачка на турнирот што беше последна проверка пред настапот на Европското првенство, кое почнува на 1 септември

Македонија со пораз од Словачка, 1-3, и со победа над Црна Гора, 3-0, и освоено второ место, го заврши 45. меморијален одбојкарски турнир „Бранко Хаџи Иљоски-Чајка“ што се одржа во Скопје.

Поради проблеми со ковид-19, репрезентацијата на Израел се повлече од турнирот, кој послужи за проверка на моменталните можности, како на Македонија така и на Словачка и на Црна Гора, пред настапот на завршниот турнир на Европското првенство (ЕП) што почнува на 1 септември.

– Генерално задоволен сум од прикажаните игри на Македонија на турнирот, но некои работи ќе треба да подобриме. Словаците ни направија 23 блока што е недозволиво, дури и во ситуации еден на еден, кога е најлесно да се поентира, така не се добиваат, туку се губат натпревари. Од друга страна, имавме добар прием на нивниот сервис што ме радува, но изостана добрата организација на нападите и нивната реализација. Тоа се битните работи во играта на кои ќе треба да поработиме неделава на тренинзите пред заминувањето за Финска. Добра околност е што сите одбојкари се здрави, никој не се жали на повреди, ако се изземе Иван Андонов, кој поради повредата на прстот дефинитивно нема да настапи на ЕП – изјави селекторот на Македонија, Душко Николиќ.

Македонската одбојкарска експедиција заминува за Тампере, в сабота, на 28 август. Првиот меч Македонија треба да го игра против домаќинот Финска, на 1 септември, како и на минатото ЕП 2019 во Љубљана. Во групата Ц покрај Македонија и Финска се Русија, Холандија, Турција и Шпанија. Најдобрите четири од оваа и од преостанатите три групи, вкупно 16, ќе се пласираат во нокаут-фазата, во осминафиналето.
Титулата од минатото ЕП ќе ја брани Србија против која Македонија одигра две контролки пред десетина дена.