Хамилтон е избран по јавното гласање што го организира „Би-би-си“, а кандидати беа и фудбалерот Хендерсон, џокејот Дојл, боксерот Фјури, англискиот крикет-играч Брод и снукеристот О’Саливан
ВО ИЗБОРОТ НА „БИ-БИ-СИ“
Светскиот шампион во Формула 1 (Ф1), Британецот Луис Хамилтон, е избран за спортска личност на 2020 година во изборот на „Би-би-си“. Хамилтон (35), еден од најдобрите возачи во Ф1 на сите времиња, го изедначи рекордот на Германецот Михаел Шумахер според бројот на светски титули, седум, триумфирајќи и годинава, четврти пат по ред. Хамилтон го помина Шумахер според бројот на гран при победи, 95 (Шумахер има 91).
На јавното гласање што го организира „Би-би-си“, капитенот на Ливерпул, Џордан Хендерсон, заврши на второто место, а џокејот Холи Дојл на третото. Боксерот Тајсон Фјури, англискиот крикет-играч Стјуарт Брод и снукеристот Рони О’Саливан, исто така беа во потесниот избор за главното признание.
Тој вторпат е прогласен за спортска личност на годината (претходно во 2014 година). Годинава Хамилтон победи на 11 од вкупно 17 трки, во сезоната што почна со четири месеци задоцнување поради пандемијата на коронавирусот. „Би-би-си“ го доделува ваквото признание од 1954 година. Најмногу, трипати, наградата ја добил тенисерот Енди Мареј, во 2013, 2015 и во 2016 година.